Австралискиот премиер Ентони Албанес одби јавно да побара од САД да се откажат од гонењето на основачот на Викиликс и австралиски државјанин Џулијан Асанж.
Австралиската влада е под зголемен притисок да интервенира во случајот откако британската влада минатата недела нареди екстрадиција на Асанж во Америка, каде што треба да одговара за обвиненијата за шпионажа.
Поддржувачите на Асанж и неговите адвокати велат дека неговите постапки се заштитени со Уставот на САД и одредбите за слободата на медиумите.
Албанезе кој дојде на власт на изборите пред еден месец одби да каже дали за тој случај разговарал со претседателот Џозеф Бајден.
„Некои мислат дека ако работите на Твитер ги напишете со големи букви и ставите извичник, тие некако стануваат поважни. Тие не стануваат“, им рече Албанезе на новинарите, пренесува Бета, додавајќи дека неговата намера е да води влада која дипломатски и соодветно се однесува кон своите партнери.
Британскиот министер за внатрешни работи Прити Пател потпиша налог за екстрадиција минатата недела по одлуката на британскиот суд во април дека Асанж може да биде испратен во САД.
Тој може да се соочи со затворска казна до 175 години за објавување на повеќе од 700.000 доверливи документи за американските воени и дипломатски активности од 2010 година, особено во Ирак и Авганистан.
Асанж (50) се наоѓа во лондонскиот затвор Белмарш од 2019 година, кога беше уапсен поради кршење на условниот отпуст во посебен правен случај. Пред тоа, тој помина седум години во амбасадата на Еквадор во Лондон.
Австралискиот јавен обвинител Марк Драјфус и министерката за надворешни работи Пени Вонг одговорија на одлуката на британскиот суд, наведувајќи дека случајот Асанж трае предолго и треба да биде завршен.
Тие порачаа дека ќе продолжат да го искажуваат тој став пред владите на Британија и Америка, но во заедничката изјава не отидоа дотаму што отворено ја повикаа Америка да се откаже од случајот.
Адвокатите на Асанж ќе поднесат жалба на одлуката на британската влада за екстрадиција, која може да ја одолговлекува постапката со месеци, а можеби и со години.