Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, ќе остане во затвор дури и откако ќе му истече казната од 50 седмици за повреда на условната казна.
Причината е неговата „историја на бегство од законот“, пишува „Гардијан“.
Асанж треба да биде ослободен на 22 септември, но беше речено дека ќе остане во затвор поради опасноста дека повторно ќе се обиде да избегне да се појави на суд.
Во видео интервју, окружниот судија Ванеса Барикер му рече на Асанж дека ќе се пресели од статусот на затвореник во „статус на лице на кое му се заканува екстрадиција“ и му дала можност на неговиот адвокат да поднесе барање за кауција, што инаку ја одбила.
„Ова не ме изненадува со оглед на вашата историја на избегнување на појавување на суд“, рекла Барикер.
Следното административно рочиште е закажано за 11 октомври, а рочиштето за управување со случајот за 21 октомври.
Асанж издржува затворска казна од 50 недели во Велика Британија за кршење на неговата одлука за кауција откако помина седум години во еквадорската амбасада во Лондон за да избегне екстрадиција во Шведска.
Во моментов, на Асанж му се заканува екстрадиција во САД, каде е обвинет за поседување и ширење на доверливи информации, а доколку биде прогласен за виновен, може да му се изрече казна затвор од 175 години.
Конечната одлука за екстрадиција во САД се очекува во февруари следната година.