Архиепископот г.г. Стефан упати божиќна честитка со надеж дека ќе завладее мирот и добрата волја

Сподели со своите пријатели

Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан упати божи’на порака по повод претстојниот празник Рождество Христово – Божик.

„Денес не само што си спомнуваме за едно раѓање од пред две илјади години, туку и самите учествуваме во прерадосниот настан на рождеството на Синот Божји, Господ Исус Христос. Денес и ние со ангелите го објавуваме доаѓањето на Спасителот, ја следиме ѕвездата од Исток по патот кон витлеемската пештера, заедно со пастирите Го пречекуваме Новородениот Богомладенец и со мудреците Му принесуваме дарови на ветениот Месија – Кој е Христос Господ.

Возљубени празникољупци,

Loading...

Без Христа нема ни вистински човек ни вистински живот, како што нема ни вистинска наука, образование, култура и цивилизација. Христос дојде за да ги збратими луѓето и народите и да ги доближи сите далечини и разлики. Затоа е потребно да бидеме со Христа, да одиме по евангелските пораки, по вредностите што се за сите времиња, по добродетелите што се вечни. Новородениот Богомладенец постојано нѐ повикува преку верата и добрите дела да се спасуваме од суетите и минливоста; нѐ повикува да не ги заборавиме оние коишто страдаат и имаат потреба од помош, од подадена рака и утеха. Спасителот Христос нѐ повикува на мир Божји, на мир во себе и со сите околу нас. Па, христијански е да ги сакаме сите луѓе, дури и непријателите! За овој Божик да пораснеме во човечноста и човекољубието, во родољубието и домољубието, да израснеме во љубовта, зашто со неа сѐ можеме – љубовта сѐ простува и сѐ победува.

Возљубени,

Претстојното лето Господово нека биде исполнето со надеж дека и овде во Македонија, и меѓу иселените нашинци и насекаде по светот ќе завладеат мирот и добрата волја. Ние како народ – тоа најдобро ќе го постигнеме ако живееме според верата и преданието на Светата Црква. Треба да опстоиме во борбата за нашето право, достоинство и наследство, мудро чувајќи ја и вреднувајќи ја жртвата на нашите доблесни предци.

Честит Божик и благословено Новото лето Господово. Христос се роди!“, се вели во божикната порака на г.г. Стефан.