Археологот Дејан Ѓорѓиевски од Музеј Куманово имаше еднонеделна студиска посета на локалитетите кои претставуват македонски центри на егејскиот брег..
Во рамките на проектот „Хеленистичкиот период во кумановско – влијанието од егејските македонски центри“, Ѓорѓиевски ги посетил локалитите кои важеле за најразвиени градови од периодот после смртта на Александар III Mакедонски.
Беа посетени Пела, Вергина, Олинт, како и Пидна и Дион, заедно со новоотворените музеи и локации.
Главна цел, како што истакна кумановскиот археолог, е запознавањето и компарацијата на движниот и недвижниот материјал, која ќе се користи при обработката на податоците кои се добиени со истражувањата на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане.
– Како напомена, на врвот на локалитетот е откриена градба која веројатно имала улога на палата, а која во голема мера го следи планот на богатите македонски куќи од хеленистичкиот период (4-2 в. пр.н.е.), како во основата, така и во внатрешната декорација. Она што е карактеристично за дел од богатите куќи од Пела е токму полихрониот боен малтер, којшто е најден и на нашиот локалитет во неколку простории од палатата, и со тоа претставува најсеверна точка на негова употреба во посочениот период, изјави Ѓорѓиевски.
За време на посетата, како што истакна тој, биле увидени и други сличности, како преку движниот материјал (резултат од развиената трговија), така и преку очигледниот трансфер на знаења од југ кон север.
– Останува за натаму да се протолкува начинот на кој е вршен овој трансфер, односно дали тој е резултат на македонските освојувања кон север, дарданските освојувања кон југ, или се работи за проток на луѓе како резултат на трговските врски, појаснува Ѓорѓиевски.
Обидот хронолошки и културолошки да се определи локалитетот преку меѓународната соработка, додава Ѓорѓиевски, се одвива во неколку фази.
– Направена е соработка и размена на материјал и мислења, како со грчките колеги, така и со српските истражувачи. Како резултат, веќе е во подготовка заеднички материјал за публицирање, а во контекст на понатамошното заедичко претставување, веќе аплициравме за подготовки на виртуелни изложби и дигитализација на ископаниот материјал, потенцираше кумановскиот археолог.
Никола Ивановски