Младите модели Андреа Стојмановска и Дарио Крумевски од Куманово остварија голем успех, освојувајќи ја наградата Commercial Model на престижниот натпревар Top Model Europe Balkans, кој се одржа на 26 октомври во хотел „Москва“ во Белград.

Настанот, кој важи за еден од најзначајните модни настани во регионот, ги собра најдобрите таленти од целиот Балкан во вечер исполнета со гламур, елеганција и креативност.

Во конкуренција на дваесет македонски модели, освен Андреа и Дарио, со својот стил и настап се истакна и Харис, кој ја освои титулата Fashion Model.

Модната вечер започна со ревија на дизајнерката Shaleva, организатор на настанот и носител на лиценцата Top Model Europe Balkans.

Дел од програмата беа и македонските дизајнерки Ирина Тошева, која ја претстави својата најнова колекција, како и ревија организирана во чест на Фросина Кулакова, како признание за нејзиниот креативен придонес.

Настанот беше збогатен со присуството на Никола Тупчаневски, амбасадор на Македонија во Србија, кој даде поддршка на македонските учесници и ја истакна важноста на промоцијата на македонскиот талент во меѓународните модни кругови.

Андреа Стојмановска, Дарио Крумевски и Харис ќе го претставуваат Балканот на големото европско финале на Top Model Europe, кое ќе се одржи на 30 ноември во Брисел.
Никола Ивановски

