Александра Михајловска: „За уметност не треба многу, само посветеност и талент“

Сподели со своите пријатели

Атерска ѕвезда во подем. Така може да се опише младата и амбициозна Александра Михајловска, член на актерскиот ансамбл на кумановскиот театар.

Има дипломирано актерска игра на Универзитет за аудиовизуелни уметности „ЕСРА“ во класата на Дејан Пројковски и асистентот Андреј Цветановски. Моменталнот ги прирвшрува своите постипломски студии, но и активно учествува во сите претстави на кумановскиот театар.

13550944_10208242467717753_1414511779_n

Loading...

Нејзината прва претстава е ,,Зад Кулисите“ во режија Билјана Радиноска, а неодамна играше во претставата ,,Ревизор“ на Андреј Цветановски. Во моментот игра и во претстава во продукција на Стоби Фестивал ,,Жени од подземјето“, исто така во режија на Андреј Цветановски.

Освен како актер Александра работи и како координатор на младински центар „Мулти Култи“  во „ЦИД“ Куманово, а ние се одлучивме да направиме интервју во кое со нашата кумановска ќе поразговараме за нејзината кариера, но и нејзиниот поглед на театарската уметност.

КМ: Театарската сезона се уште тече, како си задоволна од досегашните претстави?

Александра: „Ние имавме полн репертоар во последниве неколку месеци и излеговме со две нови претстави. Првата беше ,,Волшебникот од ОЗ“ во режија на Бојана Краљевска наменета за деца, а втората  ,,Ревизор“ на Гогољ во режија на Андреј Цветановски. Јас на голема среќа и задоволство сум дел и од двете подели и мислам дека и двата проекти понудија чекор понапред кон она за кое што ние како екипа се бориме. ,,Волшебникот од ОЗ“ е дел од детскиот репертоар кој ние полека го воведуваме во театарот со цел да им понудиме програма на сите возрасни групи и пред се да создадеме културни навики за одење во театар кај најмалите. Од друга страна, ,,Ревизор“  понуди нешто поинакво, тоа е еден сериозен проект во кој се гледа и искуството и младоста на овој ансамбл“.

КМ: Има ли заинтересираност кај кумановци за претставите?

Александра: „За да има публика треба постојано да има претстави. Сведоци сме дека градот нема богата културна програма, така што е нормално да има заинтересираност за се што ќе се понуди како културна содржина. Проблемот е како да се дојде до публиката и како да се оддржи постојана врска за информирање. Денеска се зависи од добар маркетинг. Театарот е кадровски збогатен веќе две сезони и сметам дека тоа придонесе за збогатениот репертоар кој што пак значеше и враќање на публиката во театарот.  Ништо не се случува преку ноќ, но имаме екипа која вредно работи“.

13536091_10208242480398070_1549933327_n

КМ: Како се роди твојата желба за актерството?

Александра: „Мојата желба за актерство се роди на денот на една аудиција во Театар Куманово на која се бараа деца кои ќе станат дел од детско драмско студио и ќе играат во новогодишна претстава ,,Хари Потер и Дедо Мраз кај нас“.  Бев петто одделение кога бев примена во тоа студио во кое направивме неколку претстави заедно со некои од вработените актери од театарот. Од тогаш се до студиите постојано работев на различни проекти со аматери.  Создадовме и наш младински театар ,,Арт А“ на што сите бевме посебно горди, а многумина од нас влегоа во професионалните води: јас, Милош Б. Андоновски, Драгана Таневска, Мартин Манев, Ангела Стојковска, Никола Наковски и Милош Стојковиќ.  Има нешто многу искрено и чисто кога деца се собираат сами за да работат претстава. Таа љубов се роди тогаш и се уште е тука“.

КМ: Како стана дел од актерскиот ансамбл на кумановскиот театар?

Александра: „Во декември 2014 година беа распишани конкурси за вработување на актери во сите театри низ државата.  Јас природно аплицирав во градот од кој што потекнувам и заедно со четворица други колеги бевме примени.  Не верував дека е многу различно да се игра дома и некаде на друго место. Но, по речиси две години можам да кажам дека е сосема поинакво чувството кога работиш дома, пред своја публика, во зградата во која што си пораснал.  Тоа е една посебна среќа и чувство кое се разбира само во моментот кога стоиш на сцена наспроти 300 пара очи кои те гледаат со поддршка.

13522622_10208242482238116_116789927_n

КМ: Што по твое мислење недостасува на театарската уметност во Куманво за да стане попривлечна за публиката?

Александра: „ Ова прашање отвара голем простор за дискусија затоа што во театарот ништо не едноставно. Публиката доаѓа во осум часот, уредно купува билет и седнува да гледа претстава. Тоа што стои на сцена е тоа што се коментира во однос на квалитетот, содржината, естетиката, употребата на современ театарски јазик, силината на пораката која е пренесена.  Никој не го интересира она што се случува зад сцена, и тоа е нормално и така треба да биде. Но, како што реков, во театарот ништо не е едноставно и се е поврзано во еден бескраен круг. Тоа што го гледате зависи од сите услови во кои се создава, почнувајќи од основните услови за работа до кадровските и финансиските. Од друга страна, секогаш може да се каже дека за уметност не треба многу, само посветеност и талент од кои можат да се создадат најубави дела. Тоа е точно, и мислам дека парадоксално овој театар за среќа и за жал само така и создавал“. Во последните години најмногу фалеле актери. Мислам дека сега сме убав број на екипа спремна за работа.  Има многу работи кои можеме да ги направиме. За да станеме значаен културен центар потребно е да ги покриеме сите целни групи и да понудиме различни содржини. Репертоарната политика според мене треба да има вклучено класични дела без кои нема голем театар, потоа експериментална мала сцена која ќе не однесе чекор поблиску до тоа што се нарекува модерен театарски израз,  една комедија во сезона затоа што ние сме градот на комедијата и впрочем имаме таков фестивал и детски и младински репертоар кој што ќе значи вложување во идната публика. Од друга страна сметам дека постојано треба да има отворени денови за разговори со актерите, отворени проби за публика,  вечери на дебата на теми од театарот и културата, посета на актерите во училиштата кога се работат некои драмски дела, се со цел да се приближиме до нашата публика и да им ја покажеме убавината и големината на театарот како уметност. Сакам да верувам дека полека се поместуваме и се движиме во убав правец“.

КМ: Како си задоволна од соработката со колегите од кумановскиот театар?

Александра: „Како што споменав, убаво е да се игра и да се работи дома. Во моментов работат доста млади актери и мислам дека многу убаво се дружиме и имаме убава работна енергија што се гледа и на сцена. Публиката забележува се. По излегување на ,,Ревизор“ многу луѓе од градот ми кажаа дека е прекрасно да се види колку млади луѓе . Од друга страна, постарите и веќе искусни актери не примија со раширени раце. На многу мои колеги од некои други театари им е чудно кога ќе им кажам дека ние имаме слобода да кажеме и иницираме работи и не сме потиснати од постарите актери. Знаете во театарот кога ќе дојдеш и си нов, треба да ја наведнеш главата и да си молчиш. Може да звучи чудно, но ансамблот кој беше тука на чело со Горан Илиќ и Кети Дончевска Илиќ не само што не дозволија да си молчиме туку и не потикнаа да работиме и да иницираме нови проекти. Убава атмосфера во екипата е клучна за добар театар, а мислам дека ние го имаме тоа“.

КМ: Колку е тешко да се биде дел од комичен лик на кој сите ќе се смеат, а сепак актерот мора да ја задржи сериозноста?

Александра: „Да се работи комедија воопшто не е така лесно како што се чини. Велат дека најлесно е да расплачеш човек затоа што сите тагуваме за исти работи, но, сите се смееме на различни нешта. Ние сме градот на хуморот и кумановчани имаат еден специфичен однос кон комедијата како жанр. Никој не знае како ќе помине една комедија се додека не се видат реакциите на публиката. Прекрасно е да си на сцена и да видиш насмеан салон.  До сега ми се нема случено да не можам да се воздржам и да ,,пукнам“ од смеење на сцена иако се случува да ми биде многу смешно она што го прави колегата во тој момент, особено ако е ново и нешто импровизира“.

13536107_10208242474437921_16028176_n

КМ: Кој е клучот за една успешна претстава?

Александра: „Би било премногу дрско од мене да одговарам за клуч на успехот на 25 години со година и пол работно искуство J За сега сметам дека клучот на се е да не се бараат клучеви и се да се работи од срце и до крај“.

КМ: Колку време е потребно да се подготви една квалитетна драма?

Александра: „Тоа повторно зависи од екипата, режисерот и нивното меѓусебно театарско разбирање. Нема правила. Во просек претставите во Македонија се подготвуваат од месец и половина до два месеци.“

КМ: Кој од странските или домашни актери ти се омилени?

Александра: „Јас никогаш сум немала ниту пак имам омилени актери, професии, дестинации за одмор и слично.  Уживам да гледам добри актерски остварувања и почитувам многу актери, но не можам да извојам омилени.  Еве можам да кажам дека во последниве две недели со пријателите најмногу дискутирам за актерите и кастингот на Game of Thrones и за тоа колку сценариото на таа серија ги ограничува или ослободува нивните капацитети. Што се однесува до домашните актери, можам да издвојам неколку претстави во кои сум се воодушевила од изведбата на актерите; Дарија Ризова како Електра , Лилиќ како Хамлет, Селпин како Прометеј“.

КМ:Имаш ли желба можеби да бидеш дел од актерска екипа на некој филм или сепак театарот ти е приоритет?

Александра: „Teaтарот е моја најголема љубов, но многу би сакала да се пробам на филм. За жал, досега не сум снимала ништо надвор од факултетот“.

КМ: По стапките на која од повозрасните колешки би сакала да зачекориш?

Александра: „Сметам дека секој актер гради свој сопствен пат кој е единствен и се разликува од сите други. Почитувам многу постари колешки од различни причини, но би сакала да изградам свој сопствен пат затоа што само тогаш ќе чекорам најсигурно“.

КМ: Ќе следува работно лето или ќе се замине некаде на одмор?

Александра: „Малку од двете J Летово ќе поминам неколку недели во Ријека, Хрватска како добитник на резиценција за уметници од интернационален карактер и во склоп на тоа ќе оддржам работилници за перформанси на отворено и flash mob како алатка за маркетинг. Тоа ќе биде и работа и одмор во исто време“.

КМ:Што ќе им порачаш на кумановските љубители на театарската уметност?

Александра: „Да доаѓаат во театар, да ги носат своите деца во театар, и да ги споделуваат своите мислења за нашата работа со нас. Верувам дека во градот има многу креативни, способни луѓе кои сакаат театар и само со постојан контакт и соработка со нив ќе го збогатиме културниот живот во градот“.