Албанија стана првата земја во светот што има министерка создадена со вештачка интелигенција, не министерка со вештачка интелигенција, туку виртуелна министерка направена од пиксели и код.
Нејзиното име е Диела, што на албански значи „сонце“, а според премиерот Еди Рама, таа ќе биде одговорна за сите јавни набавки.
Во текот на летото, Рама ја разгледуваше идејата дека земјата еден ден би можела да има дигитален министер, па дури и премиер управуван од вештачка интелигенција, но малкумина очекуваа дека тоа ќе се случи толку брзо.
На собранието на Социјалистичката партија во Тирана во четврток, каде што Рама објави кои министри ќе ја напуштат владата, а кои ќе останат за новиот мандат, тој ја претстави и Диела, единствениот нечовечки член на владата.
„Диела е првиот член кој не е физички присутен, туку е создаден виртуелно со помош на вештачка интелигенција“, им рече тој на членовите на партијата, објавува порталот „Политико“.
Рама изјави дека одлуките за тендерите ќе бидат „исклучени од надлежноста на министерствата“ и ќе бидат префрлени во рацете на Диела, која е „службеник за јавни набавки“.
Тој додаде дека процесот ќе се одвива чекор по чекор, но дека Албанија ќе стане земја каде што јавните тендери се 100 проценти некорумпирани и каде што сите јавни средства што минуваат низ тендерскиот процес се 100 проценти транспарентни.
„Ова не е научна фантастика, туку задача на Диела“, рече Рама.
Диела веќе им е претставена на граѓаните на Албанија, бидејќи ја лансира платформата е-Албанија, која им овозможува на граѓаните пристап до речиси сите владини услуги преку интернет.
Таа дури има и свој аватар, појавувајќи се како млада жена облечена во традиционална албанска носија.
Диела ќе ги оценува тендерите и ќе има право да „вработува таленти од целиот свет“, а во исто време ќе го разбие „стравот од предрасуди и ригидност на администрацијата“.
Албанија со години се бори со корупцијата, особено во јавната администрација и јавните набавки. Европската Унија постојано укажува на овој проблем во своите годишни извештаи за владеењето на правото.
Рама го освои четвртиот мандат во мај 2025 година, со цел Албанија да се приклучи на ЕУ до 2030 година.