Африканските лидери кои ќе се состанат во Етиопија овој викенд ќе започнат нова иницијатива за репарации за ропството и колонијализмот, но тие може да очекуваат блокада од поранешните колонијални сили, од кои повеќето ја отфрлија можноста за исправање на историските неправди, пренесува Ројтерс.
Иако прашањето за репарации доби на интензитет низ целиот свет, исто се случи и со противењето.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „не гледа репарации да се случуваат“, додека многу европски лидери одбија дури и да разговараат на оваа тема.
На самитот на Африканската унија (АУ) во Адис Абеба, лидерите планираат да оформат „обединета визија“ за тоа како би можеле да изгледаат репарациите, од финансиска компензација и официјално признавање на историските неправди до политички реформи.
„Репарациите се жешка тема во Адис Абеба“, напиша Економскиот, социјален и културен совет на Африканската унија (ECOSOCC) на социјалната мрежа X.
Од 15 до 19 век, најмалку 12,5 милиони Африканци биле киднапирани, продадени во ропство и насилно транспортирани, главно од европски трговци.
Наследството на колонијализмот
Според Ројтерс, дискусијата за репарации мора да се осврне на наследството на колонијализмот и ропството кое се уште е присутно денес, од расизмот до економските нееднаквости меѓу Африка и богатите западни земји, според ECOSOCC, кој ги советува земјите-членки за ова прашање.
„Станува сè потешко да не се признае штетата предизвикана од ропството и колонијализмот“, рече адвокатот и експерт за репарации од Зимбабве, Алфред Маведзенге.
Долготрајната должничка криза на континентот може да се проследи уште во времето кога африканските земји стекнаа независност со големи долгови.
Климатските промени се исто така поврзани со колонијализмот: Африка е одговорна за само мал дел од емисиите на јаглерод, но нејзините кревки екосистеми се најпогодени од глобалното затоплување.
„Повеќе од обична компензација“
Голем дел од дискусијата за репарациите, особено во поранешните колонијални сили како Британија и Португалија, се фокусираше на финансиските плаќања, но застапниците тврдат дека исправката на историските неправди може да има многу форми.
„Репарациите се повеќе од обична компензација“, рече шефот на секретаријатот на ECOSOCC, Вилијам Керју.
„Се работи за обезбедување на идните генерации свет кој ќе го признае нивното минато и ќе ги води кон посветла иднина.“
Во соопштението на Африканската унија се вели дека репарациите за Африка може да вклучуваат враќање на земјиштето во земјите каде што е одземено од домородните луѓе, како и враќање на културните артефакти.
Таа, исто така, ја истакна потребата од промена на политиките кои ги продолжуваат нееднаквостите и ги повика меѓународните тела, како што се Обединетите нации, да бараат одговорност од поранешните колонијални сили.
„Ова може да вклучи дипломатски притисок или правни постапки пред меѓународните судови“, соопшти Африканската унија.
Во 2023 година, Африканската унија ги здружи силите со Карипската заедница (CARICOM) за да побара репарации.
CARICOM има свој план за репарации, кој, меѓу другото, повикува на трансфер на технологија и инвестиции за справување со здравствените кризи и неписменоста.