Кремљ денеска објави дека се очекува африканска мировна мисија да ја посети Русија пред руско-африканскиот самит закажан за крајот на јули, но дека датумите се уште не се одредени.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите дека Москва ќе биде подготвена да го сослуша секој предлог што ќе помогне да се реши конфликтот и дека датумите на посетата на делегацијата сѐ уште се разгледуваат, пренесува Тасс.
Тој потврди дека јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса во неговиот неодамнешен телефонски разговор со рускиот лидер Владимир Путин рекол дека и Африка, како голем континент, смета дека е неопходно да го додаде својот глас во меѓународните напори за решавање на добро познатата ситуација во Украина.
Песков исто така рече дека фактот што пријателските земји на Русија се поканети на самитот на Г7 во Хирошима не предизвикува загриженост за Кремљ и дека во меѓудржавните односи треба да се почитуваат суверените односи на која било земја со кој било партнер.
„Но, нормално, тие односи во никој случај не треба да бидат антитеза на односите со нашата земја“, посочи Песков.
Тој потврди и дека руската страна го продолжила договорот за жито за два месеци.
Можеме да потврдиме дека и руската страна одлучи да го продолжи овој таканаречен Црноморски договор за период од два месеци, рече Песков.
Портпаролот на Кремљ најави и дека Вашингтон најверојатно ќе го зголеми притисокот врз Русија и низа други земји, но дека тие веќе се прилагодиле на него и ќе продолжат да ја зајакнуваат соработката.
– Отсекогаш знаевме дека овој притисок од САД ќе продолжи, но секогаш бевме убедени дека и Русија и цела група земји, вклучително и Иран, кои веќе се прилагодија на овој притисок од САД, ќе продолжат да работат на градење односи засновани на за взаемна корист и почит, истакна Песков во своето обраќање пред новинарите, пренесува Тас.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.