А нели смееме да сме против Груевизмот?

Сподели со своите пријатели

Пишува: Емил Ташевски

Loading...

12387846_1169406866421161_599492317_nИако не обрнувам внимание на дежурните и личните хејтери на текстовите кои ги објавувам  во последно време, приметувам дека сепак постојат две меѓусебно поврзани примедби.

Првата примедба е дека текстовите се премногу критични, а другата дека не даваат конструктивни и позитивни решенија за ситуацијата во која се наоѓаме. Во суштина, не е чудно, ниту необично ако во колумна не се даваат решенија (иако не е баш точно и дека не се даваат),  односно, ако на пример, поставувам прашања, маркирам проблеми или ги анализирам потезите на актуелната власт. Мислам дека и тоа е доволно.

Многу е полошо кога актуелната власт, за што се наслушавме и нагледавме овие десетина години, само критикува и за сè што е лошо во оваа држава, ја обвинува опозицијата. Тој манир во нашиот политички менталитет е толку многу распространет, што ни е тешко и да сфатиме дека луѓето со западноевропска култура не можат тоа да го сфатат.

Што мислите, на наредните избори во Франција, колку ќе му биде од помош на Олан ако за актуелните економски и политички проблеми, вината ја насочи кон Саркози? Можеби тој и сака тоа да го направи, не велам дека не, но тоа никако нема да биде никаква рамка на неговата стратегија и кампања, како што е случај во нашата држава со владејачката гарнитура.

Секако дека секогаш постои некој повисок или помал (не)поволен контекст. Но постојат ветувања и постојат разумни рокови за намалување на билансот, а тоа е она што упорно владејачката гарнитура нервозно го избегнува играјќи на картата на оние минатите кои според нив, упропастиле сè.

Во Македонија, секоја критика на власта се доживува како скандал и инцидент. Поточно, не толку критика на власта, колку како критика кон ВЛАДЕТЕЛОТ (пастирот). Може да се каже некој лош збор за претседателот, некој министер, да се каже став дали си за Американците или за Русите, да се изнесе критика против мигрантите, но никако не смее да се допира во зеницата на окото на нашиот  „драг“ премиер.

Однесувањето на премиерот личи како Орвеловата „Животинска фарма“.  Лидерот само ќе покаже со прстот во еден или во друг правец, во една или друга мета, а препарираната маса го следи послушно, тапо повторувајќи една иста реченица „Четири нозе добри, две нозе лоши”.

Loading...

Многу се полоши медиумите и аналитичките шалабајзери кои добро знаат како стојат работите во државата, а нè убедуваат дека пастирот е безгрешен, дека е патриот, дека живееме многу поубаво и дека буквално во секој поглед, сè повеќе напредуваме.

За жал, толку сме бедни и, да употребам еден кумановски збор, „зачаурени“, што оние орвеловски „овци“ од интерес или заслепеност, ќе го подржуваат пастирот што и да каже или направи. Но кога еден ден ќе почне да паѓа, бесно ќе се фрлат на него и никој нема да биде поголем и полуд „опозиционер“ од нив.

Во последните десет години, видов како најголемите иделопоклоници, профитери и рентиери на режимот, преку ноќ се преобразуваа во најголеми критичари на опозицијата. Тоа се повторува многу често за да биде случајно и тоа секогаш остава многу мачен впечаток, ја навредува интелигенцијата и создава некоја мачнина од која му се гади на секој пристоен човек, го тера да се повлече во себе и да крене раце од секоја борба и јавна работа.

Но, тоа никако не смее да биде причина ништо да не преземаме. Власта треба да ја урнеме кога највеќе греши, кога заслужува да биде урната и кога е најопасна, а не кога ќе ѝ истече рокот на траење, кога ќе стане лесен плен и кога лешинарите кои ја имаат инсталирано, сами ќе се повлечат.

Првото што го напишав е доста потешкиот начин, но не само што е единствен и почесен, туку е и единствениот со кој може да се постигне реална и суштинска промена.


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.