Во почетокот на шеесеттите години Општина Кратово била најнеразвиениот дел од Кумановската околија. По ослободувањето овој дел од државата немал никаква стопанска дејност.
Токму тоа била причината да започне иселување на поголем број семејства од Кратово, кои заминале во другите делови од Македонија, а голем дел од нив барајќи работа се иселиле и во Скопје.
И покрај тоа, во кон крајот на педесеттите години од минатиот век во Кратовската општина биле инвестирани 75 милиони динари во земјоделството, биле подигнати 320 овоштарници и 123 хектари лозје на ерозивни и стрмни терени, изградена била и винарска визба со капацитет од 800 тони грозје.
– За подигање на разни јавни објекти и станови е инвестирано 250 милиони динари. Изградени се неколку десетина модерни станови, аптека, кино сала и други објекти. Знајачно е учеството на населението во изградбата на училишните згради, рекол Митко Михајловски, претседател на Општина Кратово во 1961 година, во интервју за „Наш весник“.
Со работата на граѓаните и месниот самодопринос, во тој период биле изградени 17 нови училишни згради.
Најголеми напори во тој период биле вложени во откривање на рудните богатства, со кои кратовско било мошне богато. Рудникот „Силекс“ во Црни Врв годишно давал околу 90 милиони динари бруто продукт, а започнала и изградбата на фабрика за абразивни материјали, која чинела милијарда и пол динари, и годишно се очекувала да дава бруто производ од околу 2,5 милијарди динари со можност за вработување на 400 лица.
– Фабриката, ќилимарницата и другите наши стопански организации, ќе овозможат донекаде да го ублажиме моментално тешкиот проблем за привремено безработните лица, рекол тогашниот претседател на општината, Михајловски.
Планот на Општина Кратово бил во палнинските подрачја да се произведуваат компири, а во кривопаланечко да се изгради голем систем за наводнување, за кој биле побарани 80 милиони динари. Околу 400 хектари ридска површина меѓу Кратово и Приковци биле планирани за преорентација во шумски и овошни насади, а се преземале и мерки за порационална експлоатација на 1.000 хектари зрела шума во реонот „Лопен“.
Во 1962 година се планирало да се извезуваат околу 10.000 метри кубни дрва за индустрија и огрев.
Проект на ЈОУ Библиотека „Тане Георгиевски“ за дигитализација на „Наш весник“
Извор: „Наш весник“ број 5 (понеделник, 1 јануари 1962. година)