Најнаградуваниот македонски филм „Исцелител“ своја промоција на 17ти мај ќе има и во Младинско-културен центар Козјак во Куманово.
Филмот е во режија на Ѓорче Ставрески, кој е истовремено и сценарист и продуцент, нои монтажер на звукот. Камерман е Дејан Димески, а монтажата е дело на Мартин Иванов.
Loading...
Исцелител е филм што балансира меѓу семејна драма, црна комедија и социјален коментар. Најголем шарм на филмот се непретенциозноста и искреноста кои ги покриваат недостатоците и несигурноста во некои делови.
Веле (Благој Веселинов), механичар од железничко депо, немајќи пари да купи лекови, му дава на татко му Саздо (Анастас Тановски) колач направен од украдена марихуана за да му ги ублажи болките од рак, меѓутоа е притиснат од криминалците што си ја бараат дрогата назад и соседите-душкала, кои во него гледаат нова надеж, исцелител.
Главните улоги ги играат: Благој Веселинов – Веле, Анастас Тановски – Саздо, Аксел Мехмет – Џем, Александар Микиќ – Мрсни, Мирослав Петковиќ – Коки, Диме Илијев – Тоде и Симона Димковска – Јана.
Исцелител е добитник на повеќе награди и признанија. На својата премиера на Солунскиот филмски фестивал во 2017, филмот ја добил наградата од публиката, со што станал прв македонски филм со ваква награда. Добитник е и на специјалната награда од жири за сценарио на 17-тото издание на Медитеранскиот филмски фестивал во Брисел.
Loading...
Беше номиниран на повеќе престижни меѓународни филмски фестивали: филмскиот фестивал Црни Ноќи во Талин (2017, во категориите дебитантски филмови и специјална награда од жирито), Медитеранскиот филмски фестивал во Брисел (2017, категорија најдобар филм), меѓународниот филмски фестивал во Тромсе (2018, категорија – најдобар филм според публиката), меѓународниот филмски фестивал Санта Барбара (2018, категорија – најдобар меѓународен филм) и меѓународниот филмски фестивал во Обањ (2018, категорија најдобар филм).