Официјално од денес со работа започна затворениот градски базен во Куманово, откако пред една недела советниците на седница ја изгласаа точката со која пливањето ќе влезе како вонучилишна активност за околу четири илјади ученици од градот.
Loading...
Шест часа дневно, односно 140 часа не месечно ниво ќе имаат на располагање основците и средношколците во овој спортски комплекс. Учениците кои ќе се пријават за програмата мора да знаат да пливаат со оглед дека станува збор за длабок базен кој е предвиден само за оние кои ја совладале оваа спортска дисциплина. Паралелно на тоа локалната самоуправа работи на нов проект за пропратен базен за едукација на непливачите.
Ние спремаме проектна документација за мал базен за непливачи тоа ќе биде негде, 5 на 14-15 метри со длабочина 80 сантима, за почетници непливачи и ќе биде во склоп на самиот базе. Ќе ја користи енергетиката на базенот, само ќе го прошириме опсегот со една површина од 160 квадратни метра. Топлите чворови ќе бидат поврзани и ќе биде во склоп на едукација бидејќи немавме можност да направиме првична замисла со хидраулична платформа, бидејќи цената на таква платформа е енормно висока и нашите прорачуни кажуваат дека три пати е поефтино да го направиме овој мал базен кој ќе се користи понатаму и за други активности, вежби во вода, аеробик – вели Зоран Дамјановски, градоначалник на Општина Куманово.
Оние ученици кои ќе сакаат да бидат дел од вонучилишната пливачка активност ќе мора да достават согласност од родителите, а таква согласност до сега до училиштата пристигнала од родители на 2.000 основци и средношколци.
Loading...
Дамјановски истакна дека родителите треба да им дозволат на своите деца да се занимаваат со пливањето и дека нема потреба да стравуваат за нивната безбедност со оглед дека за тоа ќе се грижат осум наставници и четири едуцирани спасители на вода.
Сега ќе ја користат само програмата за училишен спорт и пливачкиот клуб кој има договор. До крајот на месецот имаме уште една седница на советот каде ќе биде усвоена систематизација и ценовникот на ЈП „Чистота“, знаете дека уште не е предаден, бидејќи предавањето е со договор за примопредавање, а за да го направиме тоа треба да имаме упишано во Централен регистар и потврдена ситематизација. Ценовникот ќе биде на една цена на наредната седница и од тој момент ќе се практикува за грѓанството – истакна Дамјановски.
Општина Куманово од својот буџет за оваа програма на месечно ниво ќе издвојува од 700 до 800 илјади денари како субвенција за програмата за училишен спорт.