Комисијата за култура при Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ испрати отворено писмо со обвинувања до локалната власт и Општинската организација на СДСМ.
Писмото го пренесуваме итегрално.
Ова писмо претставува реакција на фото-сесијата која викендов се одржа во Куманово и беше насловена како „Спектакуларно чистење на Спомен-костурницата“. Како главни модели беа прикажани градоначалникот и неговиот најблизок соработник-претседателот на советот, а учество зедоа и претставници од потесното семејство на градоначалникот (во улога на претседател на општинската организација на СДСМ) и директорот на јавното претпријатија задолжено за одржување на споменикот. Останатите беа во улога на статисти.
На сесијата претходеше прес-конференција на СДСМ, која што заврши со нихилистичкото тврдење, карактеристично за нивниот менталитет дека „политиката на ВМРО-ДМПНЕ (во поглед на културата) е да уништува, а не да создава и одржува“. Овојпат нема да направиме споредба со времето на СДСМ и состојбите во културата, само ќе побараме од народот да погледне што се е направено со Стоби, Скупи, Охрид, Скопското Кале и Исар-Марвинци. Ќе ве замолиме да ги погледнате новоотворените музеи, новите или обновените театарски згради и стандардот на културниот работник, и тука ќе ја завршиме дискусијата.
Што се однесува до самата фото-сесија, односно чистењето на споменикот, целосно ја подржуваме, со надеж дека јавното претпријатие ќе продолжи да си ја работи својата работа. Само, не ни е јасно, зошто мораме да бидеме благодарни поради тоа што си го работат тоа за што се платени?
И директорот на ЈП “Чистота и зеленило” и претседателот на ОО СДСМ-Куманово, сакаа да го отргнат срамот за кој веќе неколку пати укажавме, а се однесува на очајната состојба во која се наоѓа градот во поглед на чистотата. Со една единствена изјава дека „Спомен – костурницата е под Министерство за култура“ тие вешто направија манипулација со обичниот човек, и неговиот оправдан гнев го насочија кон Скопје. Би сакале да прашаме, што тоа им значи дека споменикот е „Под Министерството“? Знаеме за две институции кои се вклопуваат во тој исказ – Музејот и Домот на културата. Не веруваме дека на споменикот има вработени, односно дека функционира како институција под Министерството за култура. Од друга страна, структурата на Министерството не е да обезбедува објекти – тоа го прават агенции. Работата на Министерството е да носи (односно предлага) закони и други методи кои ќе обезбедат заштита на културното наследство. Значи единствениот „бранител“ на овие споменици е Законот за заштита на културното наследство, кој, за волја на вистината, е донесен во времето на СДСМ и кој постојано се надградува. Тој закон на ист начин ја штити и нашата Спомен-костурница, и двете градби кои ги демолиравте во Скопје во „шарените“, сино-жолти протести. Законот постои да му даде правна сигурност на споменикот, за да не го срушите и на негово место да поставите уште една дивоградба во вид на зграда, какви што се градат во последните 12 години. Доколку пак се појават оштетувања за кои треба конзерваторски интервенции, повторно Министерството не ви е надлежно! Спред законот, на места каде што не постои конзерваторски центар (какво што е за жал Куманово), надлежен е Националниот конзерваторски центар. Тие моментално работат на црквата Св. Ѓорѓи во Мл. Нагоричане, во Табановце и вршат ревалоризација на две археолошки наоѓалишта во Кумановско. Што значи, доколку градот чувствува потреба од нивна интервенција, може слободно да им понуди средства и проблемот ќе биде решен. Или пак, може да им сугерира дека треба конзерваторски третман на објектот, па тие да поднесат проект со кој ќе конкурираат во Годишната програма на Министерството. Но, пак ќе повториме, тие реагираат само ако треба конзерваторски зафат. Ако ги повикате за да го искосат змијарникот околу споменикот, да го исфрлат ѓубрето или да ги избришат графитите, секако дека само ќе се насмеат.
Мислам дека сите сме свесни кој е задолжен за одржување на градските површини, исто како што сме свесни колку тоа не се прави во Куманово. Веќе изветеното оправдување на градоначалникот,дека Скопје е виновно за мизеријата во Куманово се надевавме дека ќе престане по неговото јавно признавање (секако несвесно) во интервју, дека не ги пушта државните проекти да се реализираат во Куманово. Еве, гледаме дека истиот изговор го користат и неговите сопартијци. Затоа, уште еднаш, најтопло ви препорачуваме – продолжете со извршување на вашите обврски!