За десетина дена ќе почне постапка за избор на изведувач на градежните работи за изградба на ургентен центар во Куманово и согласно ветеното градбата да почне годинава, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски при неговата саботна посета на Куманово.
Според Груевски, завршени се сите подготвителни работи за изградбата. Главниот проект е готов. Проценката е дека ќе чини околу 48 милиони денари.
Од ноември годинава и следната година, потенцира Груевски, активно ќе се гради ветениот од нас ургентен центар. Согласно ветеното се трудиме да ја запазиме динамиката и да почне градбата оваа година – рече Груевски.
До крајот на 2017 годинам Груевски информираше планирани се две нови градинки. За едната постапката е веќе почната, но има одредени формални пречки бидејќи компаниите дале нешто повисока понуда од претходно планираната. Се бараат начини како тоа да се надмине или во краен случај да се повтори постапката. Во таа градинка треба да се сместат 80 или 90 деца. Втората градинка е во населбата „Гоце Делчев“, каде исто така се планира проширување за нов капацитет од 50 деца.