Најмалку едно лице е убиено, а две преживеани по најновиот американски напад врз брод за кој Вашингтон тврди дека бил користен за трговија со дрога во источниот Тихи Океан, објави денес Јужната команда на САД (SOUTHCOM).
Како што објави CBS news, SOUTHCOM изјави на социјалните мрежи дека бродот „бил под контрола на организација означена како терористичка“, дека патувал по познати рути за шверц со дрога и дека учествувал во операции за трговија со наркотици.
Заедно со објавата, објавено е видео на кое се гледа нападот врз бродот, кој по ударот се распаѓа на два дела со излегување чад.
Американската војска не објави докази дека погодените бродови всушност носеле наркотици.
Портпаролот на Јужната команда на САД претходно изјави за CBS news дека од причини поврзани со оперативната безбедност, војската не може да зборува за конкретни извори на информации или методите што ги користи.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп започна кампања на почетокот на септември за напад на бродови за кои тврди дека се вклучени во трговија со дрога во латиноамериканските води, вклучувајќи го источниот Пацифик и Карибите.
Според достапните податоци, досега во таа кампања загинале најмалку 193 лица.
Трамп претходно изјави дека САД се во „вооружен конфликт“ со нарко-картелите во Латинска Америка и оцени дека нападите се неопходни за да се запре протокот на дрога во САД.
Критичарите на американската кампања, сепак, ја доведуваат во прашање легалноста на нападите врз бродовите.
Првиот напад во рамките на оваа операција беше извршен на 2 септември, а американската администрација беше под силни критики на почетокот на декември откако ги потврди наводите на весникот „Вашингтон пост“ дека за време на тој прв напад бил извршен дополнителен напад врз истиот брод.
Според американските медиуми, двајца преживеани од првиот напад биле убиени во тој втор напад.
Некои американски конгресмени се прашуваат дали таков последователен напад би можел да претставува воено злосторство.
On May 26, at the direction of #SOUTHCOM commander Gen. Francis L. Donovan, Joint Task Force Southern Spear conducted a lethal kinetic strike on a vessel operated by Designated Terrorist Organizations. Intelligence confirmed the vessel was transiting along known narco-trafficking… pic.twitter.com/3TmhGECgYB
— U.S. Southern Command (@Southcom) May 27, 2026

