Поранешниот американски претседател Џо Бајден поднесе тужба против Министерството за правда на САД, барајќи од судот да спречи објавување на аудио снимки и транскрипти од неговите разговори со писател кој работел на неговите мемоари од 2017 година.
Станува збор за разговорите што Бајден ги имал со биографот Марк Звоницер во 2016 и 2017 година, во периодот по смртта на неговиот постар син Бо Бајден, а кои биле користени при подготовката на книгата „Вети ми, тато“.
Спорниот материјал подоцна станал дел од истрагата на специјалниот советник Роберт Хар за ракувањето со класифицирани документи од страна на Бајден, што не довело до обвиненија.
Адвокатите на Бајден бараат од судот трајно да му забрани на Министерството за правда да ги предава тие материјали на Комитетот за правосудство на Претставничкиот дом, кој е под контрола на републиканците, и на конзервативната Фондација Херитиџ.
Според американските медиуми, Министерството за правда планирало да достави редактирани верзии од снимките и транскриптите до 15 јуни.
Во тужбата се наведува дека објавувањето на тие разговори би претставувало повреда на приватноста на Бајден, бидејќи интервјуата биле спроведени во неговиот дом и во личен контекст, додека работел на мемоарите.
Неговиот правен тим, исто така, тврди дека барањето на Конгресот е „изговор“ за заобиколување на прописите што штитат од јавно објавување на одредени материјали.
Републиканците, од друга страна, инсистираат дека снимките се потребни за надзор на работата на Министерството за правда и проценка на ракувањето со доверливи документи.
Во извештајот, специјалниот обвинител Хур оценил дека немало доволно основи за кривично гонење на Бајден, но во исто време дал критички проценки за неговото сеќавање, што предизвикало остри политички полемики во Вашингтон.

