На светските пазари, цените на нафтата пораснаа минатата недела, по петти пат по ред, и достигнаа највисоки нивоа за шест месеци, што е најмногу последица на тензиите меѓу САД и Иран.
Цената на барел на лондонскиот пазар се зголеми минатата недела за 7,3 проценти, на 70,69 долари, додека на американскиот пазар, барелот се зголеми за 6,8 проценти, на 65,21 долари.
Порастот на цените петта недела по ред е главно последица на тензиите меѓу САД и Иран.
Американските воени бродови пристигнаа на Блискиот Исток кон средината на неделата, со порака од американскиот претседател Доналд Трамп до Иран дека се надева дека ќе „седне брзо“ и ќе преговара за нуклеарен договор.
Растот се должи на геополитичките тензии
Во јуни минатата година, САД, заедно со Израел, ги нападнаа нуклеарните објекти на Иран и бројни воени локации. Иран одговори со напаѓање цели во Израел и американската воена база во Катар.
Во четврток, Трамп изјави дека планира да разговара со Иран.
„Многу од нашите многу големи, многу моќни бродови пловат кон Иран во моментов и би било одлично ако не мора да ги користиме“, додаде тој.
Од друга страна, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, рече дека Техеран е подготвен за „рамноправни“ разговори, кои ќе се засноваат на „заемни интереси и почитување“.
Сепак, тој нагласи дека одбранбените капацитети и ракетите на Иран никогаш нема да бидат предмет на дискусија.
Трговците стравуваат дека Техеран би можел да одговори на евентуален американски напад со затворање на Ормутскиот теснец, низ кој минуваат околу 20 милиони барели нафта дневно.
Иран произведуваше околу 3,3 милиони барели нафта дневно минатата година, што е приближно три проценти од светското производство.
Главно поради геополитичките тензии, цените на нафтата се зголемија за речиси 15 проценти оваа година, откако паднаа за околу 20 проценти минатата година.

