Еден мал регион го блокира создавањето нова држава во Европа: Русите таму имаат и војници

Сподели со своите пријатели

Изјавата на молдавската претседателка Маја Санду дека ќе гласа за обединување на Молдавија со Романија на референдумот изненади дел од јавноста и предизвика дискусии не само во тие две земји, туку и во поширокиот регион.

Санду рече дека Молдавија, како мала земја, се потешко се справува со предизвиците на современиот свет, особено поради силното руско влијание врз политичките и општествените услови во земјата.

– Погледнете што се случува во светот. Се потешко е мала земја како Молдавија да преживее како демократија, како суверена држава и во исто време да се спротивстави на притисокот на Русија – рече Санду во едно интервју, јасно нагласувајќи дека во случај на референдум за ова прашање, таа би гласала за обединување со Романија.

Како една од клучните причини, таа ја наведе безбедносната закана што Русија, според неа, ја претставува за Молдавија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Москва: Нема да ги толерираме тајните активности на британските служби во Русија

 

 

Најголемата пречка за евентуално обединување е секако Транснистрија (Транснистриска Молдавска Република), проруски сепаратистички регион кој се наоѓа на територијата на Молдавија.

Тоа е тесен појас земја помеѓу реката Днестар и границата со Украина, која меѓународното право ја признава како дел од Молдавија, но во пракса функционира како непризнаена држава со сопствена влада, армија, валута и институции. Главен град на регионот е Тираспол.

Корените на конфликтот датираат од почетокот на 1990-тите, по распадот на Советскиот Сојуз.

Додека Молдавија се насочуваше кон независност и се приближуваше кон Романија, во Транснистрија, каде што живеат голем број Руси и Украинци, а доминира рускиот јазик, постоеше страв од губење на советскиот идентитет.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Русија направи необичен потег: Посредуваше во разговор меѓу Израел и Иран

Во 1990 година, локалните власти прогласија отцепување, а две години подоцна избувна кратка, но крвава војна меѓу молдавските сили и проруските сепаратисти.

Одлучувачката улога потоа ја одигра 14-та руска армија, чија интервенција ја запре молдавската офанзива.

Денес во регионот има околу 1.500 руски војници.

Молдавија и западните земји го сметаат нивното присуство за нелегално, додека Москва тврди дека тоа обезбедува стабилност.

Транснистрија не само што се спротивставува на обединувањето со Романија, туку отворено се залага за асоцијација со Русија.

Освен Транснистрија, дополнителен проблем е расположението на молдавските граѓани.

Според анкета од септември минатата година, 61 процент од Молдавците се против обединувањето со Романија, додека 31 процент од испитаниците го поддржуваат.

Од друга страна, во Романија постои многу поголема отвореност кон таа идеја.

Граѓаните, како и романскиот претседател Никушор Дан, велат дека би го прифатиле обединувањето доколку тоа биде јасна волја на Молдавија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Нова ракета со дострел од над 450 км: Дизајнирана да ја пробие руската воздушна одбрана

Застапниците на обединувањето често ги нагласуваат силните културни, јазични и историски врски меѓу двете земји.

Според пописот од 2024 година, околу 80 проценти од Молдавците зборуваат романски, или молдавски јазик, кој е лингвистички идентичен со романскиот.

Историски гледано, по распадот на Руската империја во 1917 година, Бесарабија, област што во голема мера се совпаѓа со денешна Молдавија, стана дел од Романија.

Но, во 1940 година, врз основа на тајниот протокол на пактот Молотов-Рибентроп, Романија беше принудена да ја отстапи Бесарабија на Советскиот Сојуз.

Молдавија остана под контрола на Москва сè до распадот на СССР во 1991 година, кога доби независност.

Денес, повеќе од три децении подоцна, прашањето за нејзината иднина се отвора повторно, овој пат во сенка на војната во Украина и сè поизразениот конфликт меѓу Русија и Западот.