Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави за Фокс њуз дека очекува заложниците што ги држи Хамас во Газа да бидат ослободени во понеделник, по склучувањето на мировниот договор меѓу Израел и Хамас, промовиран од неговата администрација.
Трамп претходно објави на социјалната мрежа „Truth Social“ дека Израел и Хамас ја потпишаа првата фаза од мировниот план, кој предвидува ослободување на сите заложници и повлекување на израелските трупи на договорената линија.
„Многу сум горд што објавувам дека Израел и Хамас ја потпишаа првата фаза од нашиот мировен план. Ова е голем ден за арапскиот и муслиманскиот свет, Израел и САД. Им благодариме на медијаторите од Катар, Египет и Турција за нивната соработка“, рече Трамп, додавајќи: „Блажени се миротворците“.
Трамп додаде за Фокс њуз дека специјалниот пратеник Стив Виткоф, неговиот зет Џаред Кушнер, државниот секретар Марко Рубио и потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, многу помогнале во спроведувањето на планот.
„Целиот свет се обедини, искрено. Светот се обедини околу овој договор. Многу земји ги телеграфираа своите најдобри желби“, рече тој.
Трамп истакна дека мировниот договор е „повеќе од Газа“, тоа е, според неговите зборови, „мир на Блискиот Исток“.
Кога станува збор за Иран, Трамп рече дека земјата била блиску, околу еден месец, до добивање нуклеарно оружје и дека тоа би му наштетило на мировниот план за Газа.
„Да дозволев тоа да се случи, овој договор немаше да биде можен. Или ако беше, ќе имаше огромен облак над него, бидејќи ќе имавте земја со нуклеарно оружје која очигледно не е многу пријателска. Како што видовте, тие (Иран) го благословуваат договорот“, рече тој.
Тој исто така додаде дека верува оти Иран ќе биде вклучен во мировната ситуација.
Трамп истакна дека по првиот дел од мировниот план, Газа ќе биде обновена.
„Ќе биде поинаков свет и богатството ќе се потроши во Газа“, рече Трамп.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди дека владата ќе го разгледа договорот утре, велејќи дека тоа е „голем ден за Израел“ и заблагодарувајќи му се на Трамп за неговата посветеност на ослободувањето на заложниците.
Во официјално соопштение, Хамас потврди дека се согласил на договор што предвидува крај на војната во Газа, повлекување на израелските сили, влез на хуманитарна помош и размена на затвореници.
Организацијата им се заблагодари на Трамп и на медијаторите од Катар, Египет и Турција, повикувајќи ја меѓународната заедница да го обврзе Израел да ги спроведе договорените обврски.
Портпаролот на Катар, Маџед ел-Ансари, потврди дека е постигнат договор за „сите услови и механизми“ за спроведување на првата фаза од договорот, додека израелските медиуми јавуваат дека документот ќе биде потпишан во египетското одморалиште Шарм ел-Шеик.
Според извештаите на израелските власти, ослободувањето на живите заложници се очекува во рок од 72 часа, додека репатријацијата на телата на починатите заложници ќе потрае подолго.
Договорот, кој се базира на американскиот план од 20 точки, предвидува целосно повлекување на израелските трупи од Појасот Газа, ослободување на 48 заложници и воспоставување привремена палестинска администрација за управување со енклавата, пренесува Танјуг.
Трамп предупреди дека доколку Хамас го прекрши договорот, Израел ќе има целосна поддршка од САД во спроведувањето на своите воени планови во Газа.