„Наместо визија, тие нудат страв. Наместо идеи – уцени. Наместо дебата – хајка. Но, јас Ви ветувам и оттука јасно Ви порачувам, овие тактики ќе Ве поразат, но нема да ја поразат Македонија,“ изјави претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, на денешната прес-конференција во Куманово.
Тој обвини дека во изминатите денови врз членови и поддржувачи на движењето се вршат притисоци под директива на раководството на СДСМ.
„Во овие денови добивам стотици пораки од наши членови и поддржувачи, луѓе кои се повикуваат на разговори, на ‘предупредувања’, на притисоци. И сето тоа под директива на Венко Филипче и сегашното раководство на СДСМ,“ рече Димитриевски.
Лидерот на ЗНАМ порача дека овие обиди нема да го поколебаат движењето.
„Нема да успеете! ЗНАМ не се плаши. Нашите членови не се плашат. Македонија нема да се плаши! Секој обид за заплашување само ја зајакнува нашата борба,“ истакна тој.
Осврнувајќи се на одбивањето на поканата за ТВ-дуел од страна на СДСМ, Димитриевски потсети:
„Пред една недела го повикав лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на ТВ-дуел. Не заради мене, не заради партија — туку заради Македонија. Да ги соочиме аргументите, да зборуваме отворено, пред народот, за она што ни е најсвето – нашата држава, нашиот идентитет, нашата иднина. Седум дена поминаа од тогаш. Седум дена молк. Седум дена тишина – таму каде што требаше да има храброст. И тоа кажува сè.“
Тој потсети дека Движењето ЗНАМ пред извесен период ја претставило Националната платформа за заштита на македонските национални интереси, која, како што рече, СДСМ ја вратиле „неотворена“.
„Во неа не ставивме партиски интереси, туку историја, чест и иднина. Крушевскиот манифест, АСНОМ, нашата вековна борба за држава и за јазик — тоа се темелите на Македонија што ја сакаме. Таа платформа ја испративме со почит, со надеж дека ќе биде почитувана. Но господата од СДСМ ни ја вратија – неотворена. Не ја прочитаа. Не ја допреа. Не ја почувствуваа,“ рече Димитриевски.
Со порака до Филипче, тој додаде:
„И затоа, Венко, повторно денес те повикувам – излези, соочи се, зборувај пред народот! Избери медиум, избери време, избери место! Како помош и логистика земи го со тебе и твојот ментор Зоран Заев, дури ако сакаш – може да се соочиме и на Бихаќка – биди опкружен и со 200 партиски активисти околу тебе – од кои најголемиот дел секојдневно вртат кај нас во ЗНАМ и бараат спас од вашите небулозни чекори.“
Димитриевски порача дека не бара конфликт, туку одговорност.
„Не барам конфликт, барам одговорност. Одговорност пред историјата, пред граѓаните и пред идните генерации. Немаме резервна татковина. Оваа земја – нашата земја – ја наследивме со жртви, со крв и со борба! Нашата должност е да ја чуваме, да ја надградуваме и да ја оставиме подобра на нашите деца,“ истакна тој.
Во завршницата од обраќањето, претседателот на ЗНАМ испрати порака исполнета со патриотски емоции:
„Македонија, почитувани, не е збор. Македонија е чувство. Македонија е погледот на секој граѓанин што плаче под знамето. Македонија е секој човек што верува дека оваа земја може подобро. И додека има луѓе што ја чувствуваат така – нема да исчезне, нема да се предаде, нема да се продаде Ние во ЗНАМ нема да дозволиме никој повеќе да ја гази таа љубов. Ќе ја браниме Македонија со разум, со срце и со визија. Ќе ја браниме со работа, со чесност и со обединетост. Ова е нашата земја. Ова е нашето време. Ова е нашата должност. Да ја чуваме Македонија, да ја издигнеме Македонија, да ја направиме држава со која ќе се гордеат и нашите предци и нашите деца,“ заврши Димитриевски.