Ракометарките на Куманово викендов на домашен терен остварија победа над тимот на Каскада Гарлиава од Литванија во рамки на второто коло од Европскиот ЕХФ Куп.
Интересен меч имаа можност да проследат гледачите во Спортската сала Куманово, кој беше особено возбудлив кон крајот.
Иако кумановки поведоа на самиот старт, гостинскиот состав брзо ја стопи разликата, па дури и оствари водство кое го задржа и на полувреме.
Вториот дел од средбата Литванките одржуваа благо водство, се до последните минути игра кога кумановки дадоа се од себе за пресврт во резултатот, а голманката Горговска имаше извонредна одбрана.
На крајот сепак ЖРК Куманово славеше со 32:31, резултат кој не е доволен за продолжување на европската приказна во ЕХФ Купот, бидејќи во првиот меч одигран во Литванија, избраничките на Славиша Димитријевски победија со седум погодоци разлика.
Најефикасен стрелец во тимот на Куманово беше Аманда Стеин со 11 гола, а еден помалку постигна Маријана Азеведо, додека кај Каскада Гарлиава, Мартина Устилаите впиша 11 погодоци.
Во следниот период на кумановки им останува фокусот во домашниот шампионат.
Никола Ивановски