Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека Украина не може да го прекрши својот Устав кога станува збор за територијални прашања, со пораката дека „Украинците нема да ја дадат својата земја на окупаторите“.
Коментирајќи ја одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин на 15 август, Зеленски рече дека Украина е подготвена за реални решенија што можат да донесат мир, пренесува Ројтерс.
Сепак, тој истакна дека секое решение без учество на Киев би било решение против мирот, што, како што истакна, нема да донесе ништо.
Како што оцени, ова се „мртви решенија, кои никогаш нема да функционираат, додека на сите им е потребен вистински, жив мир што луѓето ќе го почитуваат“.
„Украинците го бранат својот. Дури и оние што се со Русија знаат дека таа прави зло. Секако, нема да ѝ даваме награди на Русија за она што го сторила. Украинскиот народ заслужува мир. Но, сите партнери мора да разберат што е достоен мир“, објави Зеленски на Фејсбук.
Како што нагласи тој, оваа војна мора да заврши, а Русија мора да ја заврши.
Според него, како што објави Укринформ, Русија ја започнала и ја одложува, не почитувајќи никакви рокови, „и тоа е проблемот, а не ништо друго“.
„Одговорот на украинското територијално прашање е веќе во Уставот на Украина. Никој нема и не може да отстапи од ова. Украинците нема да ја дадат својата земја на окупаторот“, рече украинскиот шеф на државата.
Тој додаде дека е подготвен, заедно со Трамп и другите партнери, да работи на вистински, и најважно, траен мир – мир што нема да се сруши поради желбите на Москва.