Кумановец се искачи на Килиманџаро – највисоката точка во Африка (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Бобан Стефановски, нашиот добропознат планинар, алпинист и основач на Планинарско спортски клуб „Поларис“ од Куманово, минатата недела се искачи на највисокиот врв на вулканот Килиманџаро, врвот Ухуру (5895м.), кој воедно е и највисоката точка во Африка.

Loading...

Експедицијата траела скоро две недели, а по тој повод разговаравме со Бобан Стефановски за деталите и впечатоците.

 

 

КМ: Поминаа неколку дена откако се вративте во Македонија. Дали ги средивте впечатоците и какво е чувството да сте дома, а зад себе да го имате искачено највисокиот врв во Африка?

– Да, поминаа неколку дена откако се вратив дома, иако сеуште сум таму со мислите. Килиманџаро е една интересна авантура која ќе ја паметам цел живот. Впечатоците уште не ми се средени, на моменти уште си мислам дека сум во Танзанија, дека ме чека уште еден ден пешачење по пределите на Килиманџаро.

 

Loading...

 

КМ: Спомнавте дека Килиманџаро е една интересна авантура. По што најмногу ќе ја паметите оваа експедиција?

– Имам спомнато многупати дека секој врв, секоја планина, секое качување и секоја експедиција се различни сами по себе. Килиманџаро ми е посебно доживување поради тоа што самата експедиција е во Африка и е искачување на највисоката точка на стариот континент, секој ден различен предел, а и комплетно изненадување ми беше тоа што Килиманџаро воопшто не е планина за потценување и не е толку лесен како што го опишуваат сите.

 

 

КМ: Зошто токму Килиманџаро и Ухуру Пик?

Поминаа точно две години од мојата последна експедиција на Кавказ, на врвот Казбек (5054м.) кој и до денес ми е омилен од сите експедициски врвови. Зошто Килиманџаро? Првин затоа што е еден од врвовите кои го сочинуваат предизвикот „Seven Summits“, потоа дека е највисоката точка на стариот континент, а и затоа што е еден од најживописните врвови што постојат. Секој ден од искачувањето кон врвот е на различен предел – од дождовна шума, преку висорамнини, пустина, сипар, карпи и на крај, снег и мраз. Секој ден се пешачи по различен предел, со различна опрема и со различни пејзажи, детали и моменти.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Огромна површина зафатена од пожар во селото Војник (ГАЛЕРИЈА+ВИДЕО)

 

Loading...

 

КМ: Каков врв е Ухуру Пик? Дали треба да се носи и користи техничка опрема?

Искачување на Ухуру Пик не е техничко искачување. Всушност, во ниту еден дел ова искачување не бара користење на техничка опрема. Меѓутоа, тежината на овој врв е во менталната и физичката спремност. Секој ден, малку по малку, константната угорнина, качување и пешачење ти ја земаат силата, тивко те заморуваат и навидум те лажат дека нема стрмни делови. Последниот ден пред искачувањето, попладнето се стига до домот Кибо, кој е на височина од 4700м.н.в. каде што се прави пауза од неколку часа и некаде околу полноќ, се тргнува за врвот. Е тука е најголемиот проблем – веднаш од домот почнува едно стрмно искачување низ сипар и карпи кое е во должина од 3 километри со висинска разлика од околу 1000 метри. Тоа е една вертикала, која буквално е границата каде многу луѓе одвај и да стигнат до височина од 5000 метри, се откажуваат и се враќаат назад. Дополнително тешко е тоа што сите претходни денови се оди константно и се качува висинска разлика секој ден, и е во незгоден дел од ноќта каде телото уште не е физички одморено од претходните денови, и тука стапува на сила искуството и менталната подготвеност. Ако си доволно ментално подготвен и доволно искусен, притоа знаејќи ги сите опасности кои демнеат, и ако си свесен и веруваш во себе, нема да имаш проблем на тој дел.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  11 пожари за еден час избувнаа во Куманово (ФОТО+ВИДЕО)

 

 

КМ: Спомнавте опасности. Кои опасности демнеат на таа височина?

На такви планини, најголема опасност е висинската болест, или позната уште како „mountain sickness“. Тоа е една појава која се појавува на големи височини при недостаток на кислород во воздухот. Обично се јавува на височини од над 3000-3500 метри надморска височина кај луѓето кои не се добро аклиматизирани. Затоа аклиматизацијата според мене е најважниот фактор за едно експедициско искачување. Можете да бидете физички најсилниот човек на светот и ментално најподготвениот, меѓутоа ако не сте добро аклиматизирани, планината нема да ви дозволи да се качите и при првите симптоми ќе мора да се спуштате веднаш надолу. Освен висинската болест, промена на временските услови е исто така честа појава, бидејќи на такви високи врвови, скоро и да не може да се предвиди времето.

 

Loading...

 

КМ: Дали имаше и други планинари од Македонија и колку луѓе бевте во групата?

Мојата група беше составена од 14 планинари од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Унгарија и јас како единствен од Македонија.

 

 

КМ: Освен искачувањето, што можете да кажете за луѓето таму, за природата, за животните?

Луѓето што беа со нас, локалците на кои пределот и планината им се многу добро познати, се питоми, скромни и крајно пријателски настроени луѓе кон качувачите и планинарите. Во секој момент се подготвени да ти помогнат за било што, секогаш насмеани и секогаш позитивни. Имаме многу што да научиме од тие луѓе таму.
По искачувањето, откако се вративме во гратчето Аруша, имавме еден ден одмор и потоа заминавме на сафари во кратерот Нгорогоро. Тоа е едно огромно заштитено подрачје и светско наследство на Унеско, место каде може да се сретнат изолирани села на племето Масаи, обично пред влезот на кратерот. Додека бевме на сафари, сретнавме лавови, слонови, нилски коњи, носорози, антилопи, хиени, зебри, гнуа… Доста е богат животинскиот свет во кратерот.

Loading...
ПРОЧИТАЈТЕ И:  Денеска ветер и до 60 километри на час, температурата во опаѓање

 

 

КМ: Огромна е листата на веќе искачени врвови. Кои врвови имате искачено досега?

Да, можам слободно да кажам дека листата на искачени врвови е доста долга. Од експедициските врвови, досега ги имам искачено Мон Блан (4810м.), Гран Парадизо (4061м.), Зумштајншпиц (4563м.), Брајтхорн (4164м.) кои се Алпски врвови. Го имам искачено врвот Арарат (5137м.) во Турција, Дамаванд (5609м.) и Колун Бастак (4137м.) во Иран, како и омилениот Казбек (5054м.) на масивот Кавказ на самата граница меѓу Русија и Грузија. Во нашата земја ги имам искачено скоро сите попознати врвови, како и другите позначајни врвови на Балканот. Би сакал да додадам дека за остварување на вакви подвизи се потребни огромни финансиски средства. Сакам да упатам огромна благодарност до сите кои несебично ми помогнаа во остварувањето на овој подвиг, а тоа се Градоначалникот на општина Куманово, Сојуз на спортови на општина Куманово, Североисточен плански регион, “The Yard Lounge Bar”, дисконт за пијалоци “Дан Дан”, како и компаниите Алма-М и Нестле.

 

Loading...

 

КМ: Дали ова е највисоката точка на која воопшто се искачил некој планинар од Куманово досега?

Мислам дека ова е највисоката точка на која се има искачено некој планинар од Куманово. Иако, највисоката точка не е најважното нешто. Најважно е самото патување, од првиот до последниот момент.

 

Loading...

 

 

 

 

 

Loading...

 

Никола Ивановски