Кои се најмоќните ИТ-компании во македонска сопственост?

Сподели со своите пријатели

Индустријата за информатичка и комуникациска технологија е најбрзорастечки сектор во македонската економија и игра важна улога како снабдувач на работни места и извозник. ИКТ-индустријата има потенцијал да создава силен економски раст и придобивки што се чувствуваат не само во економијата  туку и во целото општество воопшто.

Loading...

Голем број меѓународни и домашни компании развиваат софтвер во земјата за извозниот пазар и обезбедуваат клиентска поддршка за мултинационални информатички компании.

Aнализата на порталот Пари и податоците на БизнисМрежа за 2024 и 2023 година откриваат интересна динамика на раст, но и структурни промени во перформансите и кадровската политика на водечките македонски ИТ-играчи. Анализата опфаќа компании со целосно или доминантно македонско сопствеништво, кои оствариле значаен финансиски резултат и развој во последниве две години.

Остварени приходи од 3,3 милиони до 16,9 милиони евра

Првата компанија што се истакнува по приходи е Аксапта Мастерс од Скопје, со раст на прометот од 31,8 насто, што ја позиционира како највисокорангирана ИТ-компанија со домашен капитал во 2024 година, со 16,9 милиони евра приходи.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Како Русија сè уште ги избегнува западните санкции?

Втора најголема по промет е битолската Интерворкс, која е единствена во првата десетка по приход што не е стационирана во главниот град. Сите други се скопски компании. Интерворкс лани акумулирала приход од 13 милиони евра и задржува стабилност, иако растот е скромен (3,8 насто).

 

Во првата тројка спаѓа скопската Некстсенс со приход од 8,9 милиони евра и раст од 1,9 насто во однос на 2023 година.

Loading...

Од друга страна, најголем скок во приходи бележи Иборн.Нет, со раст од 54,1 насто, и Интерворкс партнерс (48,8 насто), како и Кодхем (47,2 насто). Овие податоци сугерираат дека има нов бран на динамични и иновативни фирми што брзо добиваат пазарен удел.

Аксапта Мастерс е апсолутен лидер по профит

И кај добивките, Аксапта мастерс е апсолутен лидер, со профит од 4,1 милион евра во 2024 г., што е зголемување од 51,2 насто во однос на претходната година. Другите девет македонски фирми од информатичкиот сектор на листата на добивки имаат заработка под 1,9 милион евра.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Владата прогласи кризна состојба во период од 30 дена

Кога се анализира профитабилноста, Интерворкс не е меѓу водечките компании како кај приходот. Добивката за 2024 година изнесува 1,06 милиони евра – што е раст од 35,8 насто во споредба со претходната година, но ова ја позиционира компанијата во втората половина од листата според апсолутна добивка.

 

Најголема релативна добивка забележа Сапиенс, од 181 насто раст, што укажува на премин од стартап кон стабилна профитабилност. Оваа компанија има остварено заработка од 540,7 илјади евра.

Сепак, има и драматични падови – Некстсенс има загуба на добивката од 61,2 насто. Исто така, Вортекс ЕД и Пантелеон ГС бележат значителни падови, од 23,1 насто и 12,1 насто соодветно, но сепак се позиционираат на второто и третото место на листата.

Десет компании вработуваат над 1.300 луѓе

Овие десет компании вработуваат над 1.300 луѓе. На прво место убедливо е Аксапта Мастерс, со 299 вработени, што ја прави не само најпрофитабилна, туку и најголема ИТ-компанија според човечки ресурс. Зад неа е Интерворкс Битола, со 210 вработени, иако бележи намалување во однос на 2023 година, кога имала 235 вработени.

Loading...
ПРОЧИТАЈТЕ И:  Гостивар во фокусот на ЗНАМ: Жителите на Гостиварско го креираат патот кон новата локална политика

Интересен случај во ИТ-индустријата е компанијата Супериор глобал сервисес од Штип. Иако не се појавува во листата на водечки компании по приходи или добивки, се наоѓа на високо трето место според бројот на вработени, со вкупно 130 лица ангажирани во 2024 година.

 

Последна на листата е скопската Кодхем со 89 вработени, но има највисок раст во однос на 2023 година (25 насто).

Анализата покажува дека македонските информатички компании не само што се приспособуваат на глобалните трендови, туку и создаваат додадена вредност на домашниот пазар. Иако дел се соочуваат со пад на приходите или добивките, доминантниот тренд е позитивен. Новите играчи покажуваат агресивен раст, додека најголемите компании успеваат да ги задржат лидерските позиции.

Целата објава на следниот линкhttps://pari.com.mk/makedonskiote-informaticki-sekotor-vo-podem/