Западот продолжува да ја притиска Украина да ја намали возраста за мобилизација, но регрутирањето повеќе луѓе само ќе резултира со поголем број невооружени војници во одбранбените сили, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Блумберг.
Тој потсети дека старосната граница за мобилизација во Украина е утврдена со закон, пренесува Танјуг.
Затоа, како што наведе, било неопходно да се променат законите за намалување на старосната граница за мобилизација од 27 на 25 години.
„Ако има луѓе над 25 години и немаат оружје, тогаш зошто сакаме да мобилизираме уште помлади луѓе за да има уште повеќе луѓе без оружје“, рече Зеленски.
Тој нагласи дека секоја ефикасна мировна сила распоредена во Украина ќе мора да вклучува американски војници и ја отфрли идејата, изнесена во вторникот, дека воената поддршка од неговите европски сојузници ќе биде доволна.
Поддршка од САД
„Тоа не може да се направи без Соединетите Американски Држави. Дури и ако некои европски пријатели мислат дека може, не, не може. Никој нема да ризикува без Соединетите Американски Држави“, нагласи украинскиот лидер.
Тој додаде дека исто така се обидува да ја убеди Кина да го искористи своето влијание врз Русија за да помогне во прекинот на борбите, истакнувајќи дека жали што не може почесто да разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг.
„Тој може да го охрабри (рускиот претседател Владимир) Путин да склучи мир, сигурен сум. Претседателот (на САД) Доналд Трамп е најсилниот и Си Џинпинг. Мислам дека нема друг сојузник кој навистина може да го направи тоа. Путин е многу зависен од Кина“, нагласи украинскиот лидер.
Зеленски рече дека е решен да го слушне гласот на Киев кога големите сили ќе почнат да разговараат за иднината на Украина.
„Не сакаме ова да ѝ се случи на Украина зад грбот на Украина. Верувам дека САД нема да го направат тоа, иако не сум сигурен дека тоа не се случило порано. Овде не зборувам само за Америка, туку и за некои европски партнери“, додаде тој, предупредувајќи дека Путин, без долгорочна посветеност од западните сојузници, ќе го искористи прекинот на огнот како можност за повторно вооружување пред да започне нова офанзива.
За Украина, клучот за секој договор ќе бидат безбедносните гаранции од САД и Европа, кои мора да бидат доволни за да го одвратат Кремљ од повторно инвазија, рече Зеленски.
„Ако (Трамп) може да ја гарантира оваа силна и неповратна безбедност за Украина, ние ќе тргнеме по овој дипломатски пат“, заклучи украинскиот претседател.