Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш и папата Франциско денеска ги повикаа земјите да го запрат производството и употребата на нагазни мини.
Гутереш, во пораката до делегатите на петтиот преглед на Меѓународниот договор за забрана на нагазни мини, познат и како Конвенција од Отава, изјави дека 25 години откако стапи во сила, некои страни почнаа повторно да ги користат, додека други не напредуваат со нивно уништување.
„Ги повикувам земјите-членки да ги исполнат своите обврски и да обезбедат усогласеност со конвенцијата. Ги охрабрувам сите држави кои сè уште не пристапиле на конвенцијата, 164 од нив не само што е можен – тој е на дофат“, рече Гутереш на отворањето на конференцијата во Камбоџа.
Папата Франциско рече дека нагазните мини „продолжуваат да предизвикуваат ужасни страдања на цивилите, особено на децата“.
„Папата Франциско ги повикува сите држави кои се уште не го сториле тоа да пристапат кон конвенцијата, а во меѓувреме веднаш да го прекинат производството и употребата на нагазни мини“, рече заменикот на папата Пјетро Паролин, кој ја прочита изјавата во име на папата.
Конвенцијата од Отава беше потпишана во 1997 година и стапи на сила во 1999 година. Сепак, дури и по речиси три децении, многу земји, вклучувајќи ги САД, Кина, Индија, Пакистан, Јужна Кореја и Русија не го потпишаа.
Во извештајот објавен минатата недела од меѓународната мониторинг организација „Landmine Monitor“ се наведува дека нагазни мини сè уште активно користеле Русија, Мјанмар, Иран и Северна Кореја во текот на 2023 и 2024 година.
Се додава дека герилските вооружени групи ги користеле во Колумбија, Индија, Мјанмар, Пакистан и во Појасот Газа.
Најмалку 5.757 луѓе биле убиени и ранети од нагазни мини и неексплодирани убојни средства минатата година, главно цивили, од кои една третина биле деца, според извештајот.
„Landmine Monitor“ наведува дека Русија „интензивно“ користи такви мини во Украина, а пред само една недела САД објавија дека ќе почнат да го снабдуваат Киев со нагазни мини за да го запрат напредувањето на руската армија на фронтот.
Камбоџа беше една од најтешко погодените земји во светот по три децении војна и немири кои завршија во 1998 година, со околу четири до шест милиони нагазни мини или неексплодирани убојни средства во земјата.
Гутереш ја пофали Камбоџа за нејзините огромни напори за деминирање и за споделување на своето искуство со другите и за придонесот во мировните мисии на ОН.
„Нагазните мини претставуваат јасна и присутна опасност за цивилите. Дури и откако ќе престанат борбите, овие застрашувачки и неселективно оружје може да останат, предизвикувајќи генерации луѓе да живеат во страв“, рече тој.