Израел ги повика жителите на 25 места на југот на Либан веднаш да се евакуираат

Сподели со своите пријатели

Израелската армија (ИДФ) денеска ги повика жителите на 25 села и градови во јужен Либан веднаш да се евакуираат.

Loading...

На списокот со места се наоѓа и Набатие, еден од најголемите градови на југот на Либан, објави „Тајмс оф Израел“.

„Активностите на Хезболах ги принудија силите на ИДФ да дејствуваат против тоа движење. Израелската армија не сака да ве повреди“, рече портпаролот на ИДФ за арапски јазик, полковник Авичај Адрае, во објава на платформата X.

Тој го повика населението веднаш да се евакуира и да ги напушти домовите заради сопствена безбедност.

„Секој кој е во близина на оперативците на Хезболах, нивните објекти или нивното оружје, се изложува на ризик“, додаде тој.

Според Адрае, цел на нападот е секоја куќа што ја користи Хезболах за воени цели.

Либанските цивили беа повикани да се евакуираат и да се упатат кон север, а беа предупредени да не се движат на југот на земјата, бидејќи тоа може да им ги загрози животите.

ИДФ додаде дека ќе ги извести цивилите кога ќе можат да се вратат дома.

Loading...

Вчера израелската армија издаде слични предупредувања до жителите на 24 други места во јужен Либан, а ден претходно ги предупреди жителите на 28 населени места да се евакуираат.

ИДФ, исто така, ги предупреди возилата да не се движат од областа северно од реката Литани кон југ.

Израел изјави дека копнената операција во јужен Либан е „ограничена и локализирана на целни напади“ со цел да се уништи инфраструктурата на Хезболах во пограничната област и дека армијата планира да ги прекине операциите што е можно поскоро, пренесува Танјуг.