Ликовна изложба „Уметничкиот свет на Владимир Георгиевски“ во Куманово

Сподели со своите пријатели

На 19 септември (четврток) во 19:30, во изложбениот салон  на Националната установа Центар за култура “Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе се отвори изложба на еден од најистакнатите македонски сликари, Владимир Георгиевски.

Loading...

Изложбата содржи дваесетина дела во различни техники и ги кани посетителите да се нурнат во уметничкиот свет на Георгиевски, за да ги осознаат неговите творечки преокупации, мотивите и пораките на неговото сликарство.

Оваа и уште една поставка на дела на Георгиевски веќе една ипол година патуваат низ државата и се претставуваат пред публиката преку MuseumLink, неформална мрежа на Домови на култура и локални музеи во Македонија. Целта е да се приближи уметноста на овој наш голем сликар до што е можно поголем број граѓани од целата земја, а посебно до младите.

Прикажаните дела се дел од семејната збирка, во избор на Фросина Георгиевска, додека пак организацијата на изложбите и соработката со членовите на мрежата MuseumLink се одвива со помош на нејзината координаторка, г-ѓата Јасминка Намичева, виш кустос и архитект од Музејот на град Скопје.

Осврт кон уметноста на Георгиевски од истоимената монографија, во издание на Музеј на град Скопје, 2019, автор – Емил Алексиев:

‘….Владимир Георгиевски (1942–2017) е еден од најзначајните македонски уметници. Зад себе остави скапоцена ризница од уметничко богатство. Во неговите дела болска златна нишка што ги поврзува и води кон скриеното духовно благо закопано длабоко под површината на неговите слики.

Наспроти современите насоки на движење на ликовната уметност, спроти времето и актуелноста, Георгиевски ја започнува својата творечка авантура движејќи се во спротивна насока од своите современици – одејќи назад, до затрупаните извори на уметноста, таму каде што сè почнува, враќајќи се кон загубените вредности на сликарството и на сликата, кон класичната формула и мајсторската форма.

Овој „блуден син“ на современата македонска уметност тргна на неизвесно патување, осамен меѓу своите современици, барајќи ја вистината. Тоа беше пат на кој тој тргна и во потрага по сопствениот, личен творечки знак и сопственото себесознавање, низ привидот што го опкружува. Неговите творечки занеси го водеа на долги и неизвесни патувања по пустите предели на стварноста низ долините каде што врие, се прелева и се пресоздава животот до највисоките врвови каде што воздухот е студен и проѕирен како кристал, а видикот широк и јасно може да се види светот.

Loading...

Творештвото на Владимир Георгиевски се опира на сите обиди да се класифицира и систематизира. Пропаѓа секој обид да се подреди во хронолошки ред поради идејата на сликарот за безвременоста на делата. Најголем дел од делата се недатирани, еден ист мотив е работен повеќе пати во различни временски периоди и во разновидни сликарски техники, сликите се преработувани и доработувани во обид да се пронајде најдобриот од сите можни модели… Неговото творештво е како животот – буи, блика, расте и се разгранува во својот природен развиток, не водејќи грижа за правилата и ограничувањата што ги наметнува современото општество, ниту пак води сметка за модните трендови и вкусот на неговите современици.

Во сликарството тој почнува од неговите онтолошки основи. Тој е во потрага по загубената духовност во свет кој одамна им се препуштил на површните задоволства и робувањето на телото и на телесноста. Наспроти модните стилови, трендови, наспроти лажниот мистицизам, комерцијализацијата, идолатрија и фетишизам на уметничкото дело; наспроти предрасудите, наметнатите безначајни теми, тривијалноста на уметноста, позерството, манипулациите со публика, наспроти уметноста разбрана како фриволна игра или забава за народот, уметноста како дневна политика, уметноста со тенденција, уметноста во функција на идеологијата, како оправдување на постојниот општествен дискурс, како пропаганда, како одраз на една замислена стварност, како проекција на таа стварност, како панаѓурска измама или како илузионистичка претстава – тој се враќа кон уметноста која е во функција на откривањето на вистината.

Владимир Георгиевски, уште на самиот почеток, го става човекот и неговата драма на постоење во центарот на својот сликарски свет. Тој создава дело за човекот од човекот.

Тој е сликар на современата стварност дури и кога е тешко препознатлива поради историската травестија. Симболизмот во неговото творештво, алегоријата, нарацијата и иронијата со која ги слика нештата не се противставени на основниот сликарски порив да ја направи видлива вистината за светот денес. Тие се само средства.

Протагонистите на неговите слики парадираат во историски костуми како во театар. Понекогаш тоа се современи ликови и сцени од секојдневниот живот претставени во историски костими и вкалапени во познати калапи од религиското сликарство или од книжевноста.

Во најдобрата традиција на светското сликарство, со мајсторство на кое нема што да му се забележи, Владимир Георгиевски се обиде да му го врати на сликарството загубеното достоинство и одново да го доближи до философијата разбрана изворно како љубов кон мудроста. А каква е таа мудрост што не е втемелена во вистината? Во својот сликарски манифест (2011) тој ќе напише: „Овој свет со својата вистинитост не е Космосот на бојата и астрономијата на цртежот! Не, тие Космички пространства на моите сликарски сновиденија се над светските нужности, над вистинитоста што може да ја видиме и да ја опипаме! Мојот вистински пат е пат на духовно слободно чувствување на светот и Човекот во него!“…„

Изложбата во Куманово  ќе биде поставена до 15.10.2024.

Интегарлно соопштение

Loading...