Кениската полиција соопшти дека уапсила повеќе од 270 лица, од кои 204 во главниот град Најроби, осомничени за злосторства за време на вчерашните антивладини протести.
Грабежи и материјални штети биле пријавени за време на демонстрациите организирани вчера од млади луѓе во повеќе градови во земјава, а во кои, според признанието на самите организатори, интервенирале и некои злобници.
Кенија во изминатите две недели беше потресена од бран протести предизвикани од спорниот нацрт-буџет за 2024-2025 година кои предвидуваа нови даноци, а подоцна се проширија на поголемо незадоволство од претседателот Вилијам Руто, избран во 2022 година.
Одделот за криминални истраги соопшти дека безбедносните сили идентификувале и уапсиле осомничени ширум земјата кои вршеле криминални активности за време на протестите.
Се додава дека 204 осомничени се уапсени во главниот град Најроби и 68 во други области на земјата.
Истражителите го барале осомничениот врз основа на видео надзор и снимка од мобилен телефон, на која се гледа како уништува имот и бизнис на недолжни граѓани, се вели во соопштението.
Вчерашните демонстрации започнаа мирно, но потоа прераснаа во насилни, полицијата во центарот на Најроби употреби солзавец кон толпата која фрлаше со камења кон нив.
Митинзи на стотици луѓе се одржаа и во други градови како Момбаса на југоисток, вториот по големина град во земјата, каде беа запалени автомобили и уништени продавници.
Антивладиното протестно движење, кое нема вистински лидер или организација, се претвори во крвопролевање на 25 јуни кога полицијата пукаше со боева муниција во толпата што ја нападна зградата на Парламентот во Најроби.
За време на првите демонстрации на 18 јуни, 36 лица загинаа, а 361 беа ранети, додека најмалку 22 лица загинаа на 25 јуни, според официјалната агенција за човекови права.
Агенцијата во понеделникот објави дека се регистрирани 32 случаи на принудно исчезнување и 627 апсења на демонстранти.
Иако претседателот Руто најави дека го повлекува предлог-буџетот, повиците за демонстрации продолжија, а на тие повици особено реагираат таканаречената генерација З, младите родени по 1997 година, кои се во центарот на протестното движење.