Американските гласачи се претежно скептични дека претседателот Џозеф Бајден е ментално способен за втор мандат, а повеќето го сметаат истото и за неговиот најверојатен противкандидат на изборите, Доналд Трамп, според истражувањето на Универзитетот Квинипијак, чии резултати беа објавени во среда.
Според истражувањето, 64 отсто од испитаниците рекле дека Бајден (81) не е ментално способен за втор мандат, а 51 отсто од нив сметаат дека не е ниту Трамп (77).
Истражувањето исто така покажа дека Бајден води пред Трамп со четири процентни поени, иако две третини од гласачите веруваат дека Бајден е премногу стар за нов мандат.
81-годишниот Бајден, чија ментална острина е под лупа по извештајот овој месец на специјалниот советник Роберт Хур, кој го окарактеризира како „постар човек со слаба меморија“, ја отфрли загриженоста за неговата меморија и не дава никакви индикации дека може да се повлече од кампањата за реизбор.
Анкетата на YouGov за Економист, чии резултати исто така беа објавени во средата, покажа дека Бајден заостанува зад Трамп за еден процентен поен.
Многу други анкети покажуваат дека Трамп е во поголемо водство. Но, изборите се одржуваат дури во ноември, а јавното мислење дотогаш може многу да се промени.