Екстремно десничарскиот масовен убиец Андерс Брејвик, кој во 2011 година уби 77 луѓе во бомбашки напад и пукање во Норвешка, денеска ќе сведочи пред судот како дел од неговата тужба со која бара прекин на неговата самица во затвор.
Во тужбата што ја поднел против државата, Брејвик (44) барал и укинување на ограничувањата за кореспонденција со надворешниот свет, наведува Ројтерс.
Адвокатите на Брејвик тврдат дека Норвешка ја прекршува Европската конвенција за човекови права, вклучувајќи делови во кои се вели дека никој не треба да биде подложен на „тортура или нечовечко или понижувачко постапување или казнување“.
Судските настапи во тужбата на Брејвик се закажани до петок, а судиите ќе ги донесат своите пресуди во наредните недели.
Во 2011 година, Брејвик прво уби осум лица со автомобил во Осло, а потоа уби уште 69, главно тинејџери, во младинскиот камп на Лабуристичката партија на островот Утоја, што се смета за најголемото злосторство во Норвешка.
Тој се наоѓа во затворот Рингерик со голема безбедност, 70 километри северозападно од Осло, а просторот што го користи има кујна, ТВ соба и бања.
Дозволено му е да чува три папагали како домашни миленици и тие слободно летаат во областа, пренесува Reuters повикувајќи се на локална агенција.
Адвокатот на Брејвик рече дека повеќе од една деценија во самица „без значајна интеракција“ имала катастрофален ефект врз неговиот клиент, додавајќи дека Брејвик е самоубиствен и зависник од лекот за депресија Прозак, кој го користи за да ги преживее затворските денови.
Адвокатите кои го застапуваат Министерството за правда велат дека Брејвик мора да биде одвоен од другите затвореници поради тековната безбедносна закана што ја претставува и дека неговата изолација е „релативна“, со оглед на неговиот контакт со чуварите, свештеникот, здравствените работници и, до неодамна, надворешен волонтер, кого Брејвик повеќе не сака да го гледа.
Брејвик гледа и двајца затвореници по еден час секоја втора недела.
Адвокатите тврдат дека контролирањето на контактите на Брејвик со надворешниот свет е оправдано со ризикот дека тој ќе ги инспирира другите да извршат насилни дејствија.
Конкретно, тоа се однесува на контакти со крајнодесничарски кругови, вклучително и луѓе кои сакаат да воспостават контакт со Брејвик како резултат на терористичките акти од 22 јули 2011 година, рекоа адвокатите, наведувајќи го како пример Брентон Тарант, кој во 2019 година беше инспириран од злосторството на Брејвик, уби 51 лице во две џамии во Крајстчерч, Нов Зеланд.
Брејвик е осуден на 21 година затвор, што е најдолгата казна што може да ја изрече норвешкиот суд, која може да биде продолжена се додека тој се смета за закана за општеството.
Тој ја тужеше Норвешка во 2016 година, тврдејќи дека ја прекршува Европската конвенција за човекови права, вклучувајќи делови во кои се вели дека никој не треба да биде подложен на „тортура или нечовечко или понижувачко постапување или казнување“.
Тој првично го доби случајот, но по жалбата беше укинат една година подоцна.