Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека големиот амфибиски брод „Новочеркаск“ бил оштетен во пристаништето Феодосија на Крим, при одбивање напад на украинските вооружени сили.
„При одбивање на нападот на вооружените сили на Украина со ракети управувани од авион врз базата Феодосија, оштетен е големиот десантен брод Новочеркаск. Системите за противвоздушна одбрана уништија два непријателски тактички авиони „Су-24“ во реонот на населбата Жовтен, кои истрелаа ракети со воздушно наведување“, соопшти руското Министерство, пренесува РИА Новости.
Лидерот на Крим Сергеј Аксјонов рано утринава објави дека украинските сили извршиле напад на пристаништето во Феодосија, што резултирало со експлозија и пожар.
Тој подоцна објави дека едно лице загинало, а две се повредени.
Претходно командантот на украинските воздухопловни сили Микола Олешук изјави дека Украина извршила воздушен напад врз Федосија на Крим и дека во нападот бил уништен рускиот десантен брод „Новочеркаск“, пренесува Танјуг.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.