Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун најави „повеќе офанзивни акции“ како одговор на, како што рече, зголемените воени закани предводени од Вашингтон, и по третото тестирање на балистичка ракета од страна на Пјонгјанг, за која АП рече дека е дизајнирана да го погоди копното на САД.
Откако го надгледуваше лансирањето на интерконтиненталната балистичка ракета Хвасонг-18 во понеделникот, Ким рече дека тестот покажал како Северна Кореја може да одговори доколку САД донесат „погрешна одлука против неа“, објави денеска севернокорејската новинска агенција КЦНА.
Ким ја нагласи потребата „никогаш да не се занемаруваат сите непромислени и неодговорни воени закани на непријателот и силно да се спротивставиме со поофанзивни дејства“, пренесува Танјуг.
Во извештајот на агенцијата се вели дека ракетата Хвасонг-18, лансирана под висок агол за да се избегнат соседните земји, летала на растојание од 1.002 километри за 73,5 минути на максимална височина од 6.518 километри пред да слета во областа на источниот брег на земјата.
Се наведува дека Ким изразил „големо задоволство“ од лансирањето, кое беше трето тестирање на Пјонгјанг на ракетата Хвасонг-18, по тестовите извршени во април и јули.
Изјавата на Ким сугерира дека тој е уверен во неговиот растечки ракетен арсенал и веројатно ќе продолжи со активностите за тестирање на оружје пред претседателските избори во САД во 2024 година, но многу аналитичари веруваат дека Северна Кореја сè уште треба да изврши позначајни тестови за да докаже дека има функционални ракети кои можат да достигнат копното на САД, проценува АП.
Сите информации поврзани со најновите случувања во Северна Кореја можете да ги прочитате ТУКА.