Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го покани рускиот претседател Владимир Путин да ја посети Северна Кореја, а рускиот претседател прифати, објавија денеска севернокорејските државни медиуми.
Новинската агенција КЦНА не прецизираше кога би можело да се случи посетата.
Ким му рекол на Путин дека нивната средба на рускиот Далечен Исток довела до подигање на билатералните односи на ново ниво и изразил подготвеност за поттикнување стабилни односи ориентирани кон иднината во следните 100 години, објави КЦНА.
Ким го покани Путин да ја посети Северна Кореја на крајот од приемот што го приреди рускиот претседател, откако тие зборуваа во космодромот Восточни, објави Ројтерс.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во средата изјави дека Путин не треба да го посети Пјонгјанг.
Севернокорејските медиуми објавија дека Ким и Путин се договориле дополнително да ја зајакнат стратешката и тактичката соработка наспроти, како што наведоа, „воените закани, провокациите и тиранијата на империјалистите“.
Американските и јужнокорејските власти изразија загриженост поради можноста Северна Кореја да ѝ обезбеди на Русија испораки со оружје и муниција за војната во Украина.
Москва и Пјонгјанг ги негираа таквите намери, објави Ројтерс.
Стејт департментот објави дека Вашингтон „нема да се двоуми“ да воведе дополнителни санкции за Русија и Северна Кореја доколку тие влезат во какви било нови деловни аранжмани поврзани со оружје.
Јужнокорејскиот министер за обединување Ким Јанг-хо, кој е задолжен за односите со Северна Кореја, изрази длабока загриженост за воената соработка и можните испораки на оружје меѓу Пјонгјанг и Москва.
Министерот рече дека е очигледно оти Русија и Северна Кореја, како што наведе, „бараат некаков воен договор“.
Сите информации поврзани со најновите случувања во Северна Кореја можете да ги прочитате ТУКА.