Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев денеска оцени дека руската армија треба да избере нестандардни цели за своите удари, каде ефектот ќе биде значителен.
„Мораме да избереме нестандардни цели за нашите удари. Не само магацини, енергетски центри и нафтени бази. Има и други места каде што се уште не очекуваат. И каде ефектот ќе биде многу значаен“, напиша Медведев на својот профил на платформата Телеграм.
Тој оцени дека Украина не е во состојба да постигне успех за време на контраофанзивата и дека за украинските сили се прифатливи напади врз цивилни цели.
„Нашиот непријател не успева да постигне успех за време на контраофанзивата. Тоа значи дека им се потребни информативни победи. Нека бидат претерани и ирационални. Затоа, нападите против цивилни цели се прифатливи и за нацистите и за населението што го регрутираат. Сопствениците на Запад се нетрпеливи: каде е, конечно, вашата победа?“, напиша Медведев, пренесува Танјуг.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, претходно денеска изјави дека околу 04:00 часот биле регистрирани напади со беспилотни летала врз две нестанбени згради во руската престолнина и дека нема сериозни штети или жртви.
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека нападот на режимот во Киев со два дрона е запрен, средствата за електронско војување ги потиснале и беспилотните летала се соборени.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.