Британското Министерство за одбрана денеска го опиша вооружениот бунт на руската платеничка група Вагнер како „најголем предизвик за руската држава во последно време“.
Министерството во новото соопштение, а во друго утринава наведува дека спорот меѓу платеничката група на Евгениј Пригожин и руската држава „ескалира во отворена воена конфронтација“.
„Во Ростов на Дон, Вагнер речиси сигурно ги окупираше клучните безбедносни објекти, вклучително и командата што раководи со руските воени операции во Украина“, се вели во соопштението.
„Дополнителни единици на Вагнер се движат на север низ регионот Воронеж и речиси сигурно со цел да стигнат до Москва, соопшти британското министерство.
Британското министерство објави дека има, како што наведе, многу ограничени докази за борби меѓу членовите на групата Вагнер и руските безбедносни сили.
„Во текот на следните часови, верноста на руските безбедносни сили, а особено на руската Национална гарда, ќе биде клучна за тоа како ќе се одвива кризата“, соопшти британското министерство.
Шефот на паравоената група Вагнер, Сергеј Пригожин, денеска на видео објавено преку Телеграм покажа дека се наоѓа во Ростов на Дон, каде, како што рече, неговите борци ги окупирале сите воени објекти.
Пригожин тврди дека тој и неговите војници ја спасуваат Русија и бара да дојдат министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот на руската армија Валериј Герасимов.
Во денешното вонредно обраќање до нацијата, рускиот претседател Владимир Путин рече дека „вооружениот бунт“ на платениците од групата „Вагнер“ е предавство и дека секој што ќе крене оружје против армијата ќе биде казнет.
Тој изјави дека ќе направи се за да ја заштити Русија, и дека ќе преземе решителна акција за стабилизирање на ситуацијата во Ростов на Дон.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.