Во Лондон се одржува дводневна Конференција за обнова на Украина.
Британскиот премиер Риши Сунак најави нова рамка за осигурување од воен ризик, чија цел е да им помогне на бизнисите да инвестираат во Украина, објави Ројтерс.
„Ова е огромен чекор напред во помагањето на осигурителните компании да преземат инвестиции во Украина, отстранувајќи една од најголемите бариери и давајќи им на инвеститорите потребната доверба за да дејствуваат“, рече Сунак во Лондон на Конференцијата за реконструкција на Украина.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека е неопходно да се придвижи кон реални проекти за обнова на Украина.
„Мораме да преминеме од договори кон реални проекти“, рече тој на Конференцијата.
Зеленски додаде дека украинската делегација ќе презентира конкретни работи.
„И предлагаме да го направиме тоа заедно за време на мојата турнеја“, истакна тој.
Европската унија има „посебна одговорност“ кон Украина на долг рок, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, наведувајќи ги плановите за инвестирање во таа земја.
„Ова е за итните потреби на Украина. Но, ајде да зборуваме за иднината. Верувам дека Европската унија има посебна одговорност“, рече фон дер Лајен во Лондон.
Таа истакна дека кога Украинците ја замислуваат својата иднина, го гледаат европското знаме како се вее над нивните градови.
„И не се сомневам дека Украина ќе биде дел од нашата унија“, додаде претседателот на ЕК.
Фон дер Лајен предложи Европската унија да одвои 50 милијарди евра за закрепнување на Украина до 2027 година.
Економијата на Украина ќе има потреба од странска помош во наредните години, изјави службеничката на Светска банка Ана Бјерде.
Земјата разурната од војна „исто така има многу потенцијал да претвори многу од своите средства во економска можност и закрепнување“, рече таа за Би-Би-Си.
Ова го изјави генералниот директор за операции пред големата меѓународна конференција во Лондон за обнова на украинската економија.
Светската банка и другите мултилатерални развојни тела играат клучна улога на Конференцијата за закрепнување на Украина, која се фокусира на улогата на приватниот сектор во обновата на земјата.
Вкупните трошоци за реконструкција беа проценети во март на 411 милијарди долари, но континуираниот конфликт со Русија значи дека таа сума ќе биде поголема.
Сунак треба да објави дека Светска банка ќе обезбеди гарантиран заем во износ од три милијарди долари.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.