Времето низ Македонија денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност.
Ќе дува умерен, долж Повардарието и во источните делови засилен ветер од северен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 13 до 19 степени.
Во Куманово и околината денеска ќе имаме променливо облачно време со умерен до засилен ветер од северен правец, кој на моменти ќе надминува брзина и од над 50 километри на час.
Температурата во утринските часови ќе се движи околу еден степен над нулата, додека дневниот максимум се очекува да достигне 13 степени целзиусови.
Утре во кумановско ќе имаме променливо облачно време со северен и северозападен ветер со слаб до умерен интензитет.
Утринската температура ќе се движи околу третиот степен, а максималната дневна ќе достигне 17 степени целзиусови.
Претежно сончево време со мала до умерена облачност ќе имаме во сабота. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и југозападен правец.
Температурата ќе биде во интервал од шест степени во утринските часови до максимални 17 степени целзиусови.
Недела носи променливо облачно време со услови за дожд и грмотевици во попладневните часови. Ќе дува слаб до умерено засилен ветер од север и северозапад.
Температурата ќе биде во интервал од минимални седум до максимални 20 степени целзиусови.
Она што веројатно сите ги интересира е температурата за понеделник, кога традиционално поголемиот дел од граѓаните одат на излет.
Според сегашните прогнози излетот може да ви биде успешен со оглед дека се прогнозира претежно сончево и топло време со мала облачност.
Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а температурата ќе се движи од девет степени во утринските часови до максимални 21 степен.
Никола Ивановски