Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун изјави дека неговата земја го завршила развојот на својот прв воен шпионски сателит и им наредил на официјалните лица да го извршат неговото лансирање според плановите, објави Ројтерс, повикувајќи се на извештај на државните медиуми во Пјонгјанг.
Тој нагласи дека зајакнувањето на извидувачките капацитети е приоритет за спротивставување на „заканите“ од САД и Јужна Кореја, објави денеска државната агенција КЦНА.
Во декември, Северна Кореја изврши, како што ја нарече важна „последна фаза“ од тестот за шпионски сателит и рече дека ќе ги заврши подготовките за лансирање до април.
За време на посетата на Државната агенција за развој на воздухопловството во вторникот, Ким повика на лансирање на сателитите во предвидениот распоред и нареди распоредување на повеќе сателити за извидување во различни орбити за зајакнување на способностите за надзор.
Според извештајот, изградбата на сателитот е завршена, но не е прецизирано кога е планираниот датум за лансирање.
„Обезбедувањето информации во реално време за военото сценарио на непријателските сили е најважната задача“, рече Ким.
Тој го осуди распоредувањето на американските стратешки средства во регионот како обид „Јужна Кореја да се претвори во напредна база за агресија и арсенал за војна“.
Посетата на Ким на вселенската агенција доаѓа само неколку дена откако Северна Кореја тестираше нова интерконтинентална балистичка ракета со цврсто гориво.
По лансирањето, Јужна Кореја, Соединетите Држави и Јапонија во понеделникот започнаа заедничка воена вежба за противракетна одбрана во меѓународните води на Источното Море, со цел да ги зајакнат капацитетите за одвраќање на заканите од Северна Кореја, соопшти јужнокорејската морнарица.
Сите информации поврзани со најновите случувања во Северна Кореја можете да ги прочитате ТУКА.