Украинската државна гасна компанија Нафтогас во четвртокот соопшти дека арбитражниот суд во Хаг ѝ наложил на Москва да плати отштета од 5 милијарди долари за нелегалната експропријација на нејзините имоти на Крим, полуостров што Русија го анектираше во 2014 година.
Извршниот директор на Нафтогас, Олексеј Чернишов, ја нарече пресудата на арбитражниот суд „клучна победа на енергетскиот фронт“ и рече дека очекува повеќе одлуки во корист на Украина.
„И покрај обидите на Русија да ја опструира правдата, арбитражниот суд и наложи на Русија да и надомести на Нафтогас за загуби од 5 милијарди долари“, објави украинската компанија.
„Русија сега мора да се придржува до оваа одлука во согласност со нејзините обврски според меѓународното право“, се додава во соопштението.
Русија го анектира полуостровот Крим во 2014 година, предизвикувајќи бран санкции од Западот. Нафтогас покрена арбитражна постапка со шест други компании во рамките на својата групација во октомври 2016 година.
Тим Еш, аналитичар во BlueBay Asset Management, рече дека пресудата е „огромна правна победа за Украина“ и тој мисли дека ќе има повеќе.
Нафтогас е во преговори со инвеститорите за реструктуирање на долгот со цел да ја извади компанијата од банкрот.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.