Политико дојде до документи кои за првпат докажуваат дека Пекинг испратил оружје и воена опрема во Русија.
Кинеските компании, вклучително и една директно поврзана со владата во Пекинг, испратија 1.000 пушки, делови за дронови и повеќе од 12 тони панцири до руските субјекти, според трговските и царинските податоци добиени од Политико и обезбедени од ImportGenius, царински агрегатор на податоци.
Испораките се извршени помеѓу јуни и декември 2022 година, покажуваат податоците, пренесува N1.
Така, во јуни 2022 година, China North Industries Group Corporation Limited, една од најголемите државни компании кои се занимаваат со производство на воена опрема, испрати пушки на руската компанија Tekhkrim.
Таа компанија, пак, работи со руската држава и армија. Пушките CQ-A, кои биле дел од пакетот, биле направени по моделот на американските автомати М16, а во овој случај биле регистрирани како „цивилни ловечки пушки“.
Податоците покажуваат и дека воена опрема и била испорачана на Русија преку Турција на крајот на 2022 година.
Ова е прва ваква потврда дека Кина испраќа пушки и воена опрема на руски компании, како и дека дронови и делови за дронови сè уште се испраќаат во Москва, и покрај ветувањата на кинеските компании дека ќе ги прекинат операциите во Русија и Украина.
Експерти за Политико објаснуваат дека е исклучително тешко да се открие дали предметите, односно технологијата, испорачани од Кина до руските купувачи, се планира да се користат за воени цели, т.е. во војната со Украина.
Пекинг продолжува да негира дека ја поддржува Русија во Украина, како и дека ја снабдува својата војска со технологија или оружје.
Треба да се потсети дека Кина неодамна претстави мировен предлог од 12 точки за војната во Украина, кој беше критикуван од западните лидери поради неговата нејасност и немање детали за потребата од повлекување на руските трупи.
Кремљ денеска соопшти дека кинескиот претседател Си Џинпинг ќе престојува во државна посета на Русија од 20 до 22 март на покана на рускиот претседател Владимир Путин, а фокусот, како што велат, ќе биде ставен на натамошниот развој на партнерските односи меѓу двете земји.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.