Русија ги зајакнува и проширува своите одбранбени позиции во окупираните области на Украина, соопшти во понеделникот британското Министерство за одбрана, како што се приближува годишнината од почетокот на руската инвазија.
Руските сили „веројатно дополнително ги зајакнале одбранбените позиции“ на јужниот фронт во областа Запорожје и го зголемиле бројот на луѓе, се наведува во извештајот на разузнавачките служби, кој секојдневно го објавува министерството.
„И покрај моменталниот оперативен фокус на централниот Донбас, Русија останува загрижена за одбраната на најоддалечените делови на нејзиниот продолжен фронт“, напиша Министерството.
Доколку украинските сили ја пробијат линијата на фронтот во областа Запорожје, московскиот „копнеен мост“ меѓу руската Ростовска област и анектираниот Крим ќе биде „сериозно“ загрозен.
Украинскиот успех во источноукраинската провинција Луганск, од друга страна, би ја загрозил руската цел за „ослободување“ на Донбас, кој ги опфаќа Луганск и Доњецк.
„Одлуката на која од овие закани да се даде приоритет е веројатно една од централните дилеми на руските тактичари“, соопшти Министерството.
Линијата на фронтот во Украина е долга приближно 1.200 километри.
Британското Министерство за одбрана објавува дневни извештаи за војната, со што се спротивставува на руската пропаганда.
Москва го обвинува Лондон дека спроведува целна кампања за дезинформација.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.