Повеќе од 500 луѓе загинаа во Турција и Сирија по еден од најсилните земјотреси во последните 100 години што ја погоди Турција.
Земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала е регистриран во понеделникот наутро во 4 часот по локално време, на 23 километри источно од Нурдаги, провинцијата Газиантеп, на длабочина од 24,1 километри (14,9 милји), објави Геолошкиот институт на САД (USGS).
Нурдаги се наоѓа долж турско-сириската граница, а земјотресот е почувствуван во повеќе земји во регионот, вклучително и Сирија и Либан.
Во Турција загинаа најмалку 284 луѓе, а повеќе од 2.300 се повредени, изјави потпретседателот Фуат Октај.
Во соседна Сирија загинаа најмалку 237 луѓе, а повеќе од 630 се повредени, јави сириската државна новинска агенција САНА, повикувајќи се на претставник на Министерството за здравство. Забележани се смртни случаи во Алепо, Латакија, Хама и Тартус.
Десетици луѓе останаа заробени под урнатините, според групата Бели шлемови, официјално позната како Сириска цивилна одбрана, хуманитарна организација формирана за да ги спасува повредените во конфликтот.
Земјотресот се случи пред зори во понеделникот, кога жителите главно спиеја и не беа подготвени за ударот.
Видео снимката од Турција објавена на социјалните мрежи покажува десетици урнати згради додека преплашените жители се собираат во затемнети улици среде хаосот.
Спасувачите можат да се видат како вршат операции за пребарување и спасување со помош на батериски светилки.
Се верува дека земјотресот од понеделникот е најсилниот што ја погодил Турција од 1939 година, кога во земјотрес со иста јачина загинаа 30.000 луѓе, според USGS.
Земјотреси од оваа јачина се ретки, со помалку од пет во просек секоја година, каде било во светот.
Седум земјотреси со јачина од 7 степени или повеќе ја погодија Турција во изминатите 25 години – но земјотресот во понеделникот беше најсилен, јавува Си-Ен-Ен.
Сите информации поврзани со најновите случувања во Турција можете да ги прочитате ТУКА.