Сирени за воздушен напад во Киев пред почетокот на самитот ЕУ – Украина

Сподели со своите пријатели

Во Киев и остатокот од Украина денеска се огласија сирените за воздушна опасност, додека во главниот град на Украина се очекува почетокот на самитот на лидерите на Европската унија и Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски е домаќин на претставници на Европската унија, кои пристигнаа во Киев и ветуваат дека ќе ја поддржат Украина онолку долго колку што е потребно, но негираат нејзиниот брз пат за приклучување кон европскиот блок, објави Ројтерс.

Зеленски е домаќин на претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел.

Европските претставници и Зеленски ќе разговараат за новиот пакет санкции против Русија на самитот Украина – ЕУ.

Зеленски повика на нови санкции на ЕУ против Русија, но новите санкции што блокот ги подготвува за годишнината од почетокот на војната во Украина нема да бидат во согласност со барањата на неговата влада.

„Денес гледаме дека темпото на санкции во Европа е малку намалено. Терористичката држава (Русија) се прилагодува на санкциите. Тоа треба да се реши. Веруваме дека можеме да го направиме тоа заедно“, рече Зеленски вчера на заедничка прес-конференција заедно со Фон дер Лајен.

Таа рече дека Русија плаќа висока цена, бидејќи санкциите ја нагризуваат нејзината економија, враќајќи ја една генерација назад.

Денешниот самит Украина-ЕУ е првиот собир од висок профил во главниот град на Украина од почетокот на војната на 24 февруари 2022 година.

За време на состаноците се планирани разговори за испраќање дополнителна воена помош за Украина, подобрување на пристапот на украинските производи на пазарот на ЕУ, помош на Украина за покривање на потребите од енергија, воведување нови санкции против Русија, гонење на раководството во Москва за воени злосторства и други теми.

ЕУ ќе ги поддржува Украина и украинскиот народ против Русија се додека е потребно, се вели во заедничката изјава на тројцата лидери, чиј нацрт го виде Ројтерс.

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.