Утре во Киев ќе се одржи самитот на ЕУ, прв ваков собир на највисоките претставници на Европската унија од почетокот на руската инвазија.
По тој повод денеска и утре во Киев ќе пристигнат повеќе од 10 високи претставници на ЕУ, меѓу кои и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
На самитот ќе се разговара за испраќање дополнително оружје и пари во Украина, зајакнување на пристапот на украинските производи на европскиот пазар, помош на Украина да ги покрие своите енергетски потреби, воведување нови санкции против Русија, одговорност на руските лидери за војната и можност за проширување европската зона без роаминг до Украина, пренесува Гардијан.
Украина нема толку брзо да влезе во ЕУ
Но, во исто време, желбата на Украина за брз влез во Европската унија ќе остане без внимание.
Имено, ЕУ не само што очекува повеќе антикорупциски мерки од Украина, туку и не сака да прифати за членка земја во која беснее најголемиот вооружен конфликт од Втората светска војна.
Украинскиот премиер Денис Шмихал неодамна изјави дека Украина сака да се приклучи на ЕУ во следните две години, но очигледно тоа нема да се случи најмалку уште пет години, а веројатно и подолго.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.