Инфлацијата во Шведска се зголеми минатиот декември до највисоката точка во последните три децении, помогната од цените на електричната енергија кои ги зголемија трошоците за живот, покажаа официјалните податоци објавени денеска (13 јануари).
Индексот на трошоците на животот (CPI) се зголеми за 12,3 отсто во декември и 11,5 отсто во ноември, објави Шведската агенција за статистика. Ова е најголем месечен пораст на цените од февруари 1991 година.
Главен двигател на поскапувањето беше цената на струјата која во декември поскапе за 28,8 отсто во однос на претходниот месец, а за 45,3 отсто во однос на претходната година.
Шведската инфлација приспособена за фиксни каматни стапки (CPIF) – бројката што ја користи шведската централна банка за насочување на монетарната политика – скокна на 10,2 отсто на годишна основа, од 9,5 отсто во ноември.
Во обид да се спротивстави на зголемената инфлација, централната банка на скандинавската земја нагло ја зголеми основната каматна стапка во последните месеци, од нула во април на сегашните 2,5 отсто, а нејзиниот следен состанок за монетарната политика е закажан за почетокот на февруари.
Банката сигнализираше дека може да има дополнителни зголемувања.
Инфлацијата се зголеми ширум светот по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, што ги натера централните банки да ги зголемат каматните стапки.
Но, инфлацијата во САД ослабе шести пат по ред, а податоците од четвртокот покажуваат забавување на индексот на потрошувачките цени на 6,5 отсто во декември.
Сите информации за економско-енергетската криза во Македонија, регионот и светот можете да ги прочитате ТУКА.