Едно лице загина во верижен судар во кој учествувале повеќе од 200 возила во кинескиот град Женгжу, што се случи поради густа магла, соопштија службите за итни случаи и државната телевизија CCTV.
Службите за итни случаи известуваат дека повеќе од 200 возила се судриле едно со друго, пренесува Ројтерс.
Сликите и видеата објавени на социјалните мрежи покажуваат автомобили и камиони натрупани еден врз друг на мостот Женгксин Хуангхе.
Многу од повредените останале заробени во своите возила, а противпожарната служба испратила 11 противпожарни возила и 66 спасувачи на местото на настанот, јавија државните медиуми.
Од утрово видливоста на повеќе места била помала од 500 метри, а повремено и до 200 метри, соопшти метеоролошката служба.
Полицијата го затвори мостот за сообраќај.