Еден од шест луѓе во Велика Британија се загрижени дека ќе останат без храна, а уште повеќе велат дека не можат да ги загреат своите домови доволно топло, покажува истражувањето објавено денеска од Канцеларијата за национална статистика (ONS).
Ова истражување исто така покажа дека меѓу луѓето постои широко распространето чувство за социјалниот и економскиот неуспех на земјата, пренесува Ројтерс.
Според извештајот на ONS, 16 отсто од луѓето се загрижени или многу загрижени дека ќе останат без храна пред да имаат пари да купат повеќе. Таа состојба е веќе реалност за 6,0 отсто од луѓето.
Околу 23 отсто од испитаниците рекле дека не можат удобно да ги загреат домовите, ниту повремено, ниту трајно.
Ројтерс забележува дека другите европски земји се борат со двоцифрена инфлација и зголемени сметки за енергија по нападот на Русија во Украина, но дека Велика Британија го има најстариот и енергетски најнеефикасен станбен фонд на континентот, со владините шеми за подобрување на изолацијата намалени над изминатата деценија.
Бројките на ONS, додава тој, укажуваат на широко распространето британско незадоволство од насоката на една од најголемите светски економии.
Побарувачката за банки за храна во земјата експлодираше во изминатата деценија, а штрајковите на работниците станаа почести.
Агенцијата за истражување на пазарот и мислењето, Ипсос, минатата недела соопшти дека 62 отсто од граѓаните мислат дека земјата оди во погрешна насока, додека 14 отсто мислат дека се движи во вистинската насока – предизвик за новиот конзервативен премиер Риши Сунак кој вели потребни се тешки одлуки за да се врати економијата на вистинскиот пат.
Опозициската Лабуристичка партија тврди дека актуелните проблеми се одраз на одлуките донесени за време на 12-годишното владеење на конзервативците.
Според ONS, 78 отсто од луѓето се чувствуваат фрустрирани што британското општество не е она што треба да биде, додека 74 отсто рекле дека се плашат дека работите одат наопаку во општеството.
Во истражувањето, спроведено од 22 ноември до 4 декември, учествувале 2.524 испитаници.
Сите информации за економско-енергетската криза во Македонија, регионот и светот можете да ги прочитате ТУКА.