Високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк рече дека понатамошните напади врз украинската инфраструктура може да предизвикаат сериозно влошување на хуманитарната ситуација и да поттикнат натамошно раселување.
Во говорот пред Советот за човекови права по патувањето во Украина, Турк рече дека руските напади изложуваат милиони луѓе на „екстремни тешкотии“.
„Дополнителните напади може да предизвикаат сериозно влошување на хуманитарната ситуација и дополнително раселување“, рече тој.
Нападите врз неодамна ослободениот град Херсон во јужна Украина продолжија и денеска, изјави висок украински функционер, додавајќи дека во гранатирањето загинале две лица.
Кирил Тимошенко, заменик шеф на кабинетот на претседателот, на апликацијата за пораки Телеграм изјави дека две лица загинале на околу 100 метри од зградата на регионалната администрација, која била погодена од гранатирање.
Најмасовниот напад од 2014 година
Руските власти во припоените области тврдат, од друга страна, дека украинските сили синоќа го гранатирале градот Доњецк во источна Украина, кој е под руска контрола, во еден од најголемите напади во последните години.
„Токму во 7 часот утринава, центарот на Доњецк беше цел на најмасовниот напад од 2014 година“, изјави на Телеграм Алексеј Кулемзин, градоначалникот на Доњецк поддржан од Русија.
„На цивилите во нашиот град беа истрелани 40 ракети од повеќецевни фрлачи БМ-21 Град“, додаде Кулемзин.
Тој го опиша нападот како воено злосторство.
Ројтерс не можеше веднаш да ги потврди извештаите од бојното поле од ниту една страна.
Украинскиот воен офицер Олексеј Громов во четвртокот изјави дека Русија сака да ја претвори војната во Украина во долг воен конфликт и дека обучува нови војници на територијата на соседна Белорусија.
Сепак, малку е веројатно дека од таа земја ќе биде започната воена операција, додаде тој.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.